Ер Србија ќе воспостави директни летови меѓу Белград и Чикаго (аеродром O’Her – ORD) почнувајќи од 17 мај 2023 година и со тоа ќе продолжи да ги шири своите операции на пазарот на Соединетите Американски Држави.
До 11 јуни летовите ќе се вршат двапати неделно, во среда и сабота, додека од 12 јуни летовите меѓу Белград и Чикаго ќе се реализираат три пати неделно, во понеделник, среда и сабота. Летовите ќе траат околу 11 часа и ќе бидат оперирани со авиони Ербас А330 од флотата на долги релации на Ер Србија. Билетите се веќе пуштени во продажба, по почетна цена од 640 евра за повратен лет, со вклучени сите даноци, стои во соопштението на Ер Србија.
„Со летот JU 506/507, по повеќе од три децении, националната авиокомпанија се враќа во Чикаго Тоа е исклучително важен град и сигурни сме дека директните летови меѓу Белград и Чикаго ќе бидат многу важни не само за српската дијаспора, туку и за целиот регион на поширокиот Балкан. Со воведување летови меѓу тие два града, регионот подобро ќе се поврзе со Чикаго, а патниците ќе имаат поголем избор. Очекуваме голем интерес за директни летови меѓу Белград и Чикаго. Со добрите врски што ги нуди Ер Србија може да биде интересна дестинација за оние кои планираат да го продолжат своето патување на други точки“, изјави регионален директор на Ер Србија.
Со рестартирање на летовите на оваа линија, Ер Србија, преку Белград, ќе овозможи добри врски меѓу Чикаго и другите градови во својата мрежа, како што се Атина, Виена, Берлин, Болоња, Букурешт, Дубровник, Истанбул, Ларнака, Љубљана, Прага, Пула, Подгорица, Рим, Сараево, Скопје, Софија, Тиват, Венеција, Загреб и др. Од друга страна, благодарение на меѓусебната соработка со компаниите JetBlue и American Airlines, Ер Србија ќе може да понуди подобри врски на патниците кои продолжуваат со своите патувања од Чикаго и Њујорк до други точки во Северна Америка, велат од компанијата.
Меѓународниот аеродром во Чикаго O’Her – ORD е еден од шесте најпрометни аеродроми во светот, а во 2019 година, над 90 милиони патници ги користеле неговите услуги, со 236 достапни дестинации.