Ако сакате дневница од 160 евра треба да собирате јаболка
Еден од најголемите производители на овошје во светот е Нов Зеланд, а проблемот со кој се соочува земјата е тоа што секоја година има недостаток на работници кои ќе го собираат овошјето. Затоа, земјата бара работници од секаде кои осум часа на ден ќе го берат овошјето за дневница од 160 евра.
Според неофицијални информации во повеќе странски медиуми, Нов Зеланд е во потрага по работници кои со помош на туристичка виза ќе дојдат и ќе работат на одреден период. Новозеландскиот портал “picktheworld” пишува дека за час се заработува по 14,75 долари.
Како до работа како странец во Нов Зеланд?
Пред се постои категорија “квалификуван мигрант“, а ова се однесува на луѓе кои поседуваат квалификации и знаења од области во кои на Нов Зеланд му недостига работна сила.
За да се стекне со овој статус, апликантот потребно е да има помалку од 55 години, да има добро здравје и карактер и да зборува англиски јазик.
Прв чекор е пополнување на изјава за заинтересираност која се праќа до Имиграционата служба при Министерството за економија, иновации и вработување во Нов Зеланд во која се наведени детални податоци за апликантот, неговите вештини, семејство. На самиот сајт на оваа служба ќе пронајдете упатства за пополнување на оваа изјава.
Врз основа на изјавата, секој кандидат е бодиран, и ако освои доволен број поени кандидатот се повикува да аплицира за работа во оваа земја.
Постои и друг начин за работа во Нов Зеланд, а тоа е преку програмата “Од работа до престој“. Оваа опција дозволува преку привремена работна виза да добиете право на траен престој.
Подносителите на ова барање можат да бидат квалификувани за професии кои се бараат во Нов Зеланд или може да имаат специјални таленти во спортот или уметноста. За да аплицирате преку овој начин, мора да исполните неколку услови:
- да имате добро здравје и карактер
- пасош кој важи најмалку 3 месеци после датумот кога го напуштате Нов Зеланд
- да имате вистинска желба за работа во оваа земја
- да ја имате неопходната виза за вашата посета
Што потоа?
Ако ви се одобри работна дозвола мора да исполните одредени услови за време на вашиот престој:
- работата која ќе ја вршите мора да биде во согласност со условите наведени во вашата дозвола
- морате да ги почитувате законите на Нов Зеланд
- може да престојувате ов Нов Зеланд само онолку колку што е наведено во вашата дозвола