Според проценките на хипотекарните банки, цените на станбените недвижности во Германија паднаа за прв пат од 2010 година, но во исто време е забележан и пораст на цената на новите договори за изнајмување станови.
Цените на становите и куќите во третиот квартал паднаа за 0,7 отсто во однос на вториот квартал, покажува индексот на цените на недвижностите, објавен од Здружението на хипотекарни банки.
Според Јенс Толкмит, извршен директор, трендот на раст на цените на недвижностите, кој траеше повеќе од 12 години, заврши.
И додека користените станбени недвижности благо поскапеа, цените на станбениот простор во повеќесемејните згради паднаа за речиси два отсто. Индексот на здружението, кое ги собира најважните германски финансиери за недвижнини, се базира на деловните податоци на повеќе од 700 банки.
Во седумте најголеми германски метрополи становите и куќите поевтинија во просек за 0,7 отсто, како и на целиот пазар. Додека цените во Берлин останаа приближно исти како во вториот квартал (минус 0,1 отсто), во другите големи градови паднаа помеѓу 0,6 отсто (Келн) и 1,5 отсто (Минхен).
Но, во однос на третиот квартал од минатата година, станбените недвижности сепак поскапеа за 6,1 отсто. Здружението во вториот квартал забележа плус од 10,7 отсто на годишна основа.
Затоа ЗХБ очекува „умерено намалување на цените“ за цела година. Сепак, пазарот на недвижности отсекогаш се покажувал како многу издржлив и во услови на криза, па затоа не треба да очекуваме големи промени во цените.
Но, во исто време со стивнувањето на експлозијата на цените на недвижностите, трендот е спротивен за новите договори за изнајмување. Цените на закупнините на становите се зголемени за 4,8 отсто на годишно ниво, а во однос на вториот квартал годинава за 1,6 отсто.
Големата побарувачка за станови за кирија се коси со немањето згради, падот на новоградбите, а причина се и бројните бегалци од Украина кои изнајмуваат станови.
Покрај тоа, има луѓе кои всушност се заинтересирани да купат стан, но чиј сон да поседуваат сопствен дом во моментов е во мирување поради инфлацијата и високите каматни стапки, објасни Толкмит.