Кај нас во кафуле ретко ќе видите продавач, келнер или шанкер на возраст од 65, 70 или 80 години. Но, во САД шансите за тоа се големи.
Анализа на Washington Post, направена според податоци од националната Канцеларија за статистика, покажа дека најголем број вработени постари од 80 години имало во 2019 година. Тогаш бројката изнесувала 734.000, додека во 1980 година биле 110.000.
Бројот на вработени меѓу луѓето постари од 80 години по 2019 година е значително намален, утврди анализа на Business Insider.
Во 2021 уделот на оваа популација изнесувала 5,67 проценти, додека пред 10 години 4,75 проценти. Во 1980 година, тој удел изнесувал 2,53 проценти.
Според податоците на Бостонскиот колеџ, просечната возраст во која мажите се пензионираат е 64 години, додека просечната возраст во која жените се пензионираат е 62 години. Но, просечната возраст во која мажите и жените се пензионираат расте.
Потребата за приходи и медицинскиот напредок овозможија луѓето да работат и во деветтата деценија од животот. Според зборовите на аналитичарката Мери Џонсон, зошто да престанеме да работиме ако уживаме во тоа.
„Некои од нас сметаат дека би ни било досадно без чувството на исполнетост и целта што сме ја имале додека сме работеле“, вели Џонсон.
Долгиот работен стаж е поврзан со низок ризик од депресија, дијабетес и морталитет. Според професорката по економија Кортни Коил, оваа популација најверојатно спаѓа во една од овие две групи – во луѓето кои навистина уживаат во работата или во оние кои едноставно не можат да си дозволат да не работат. Многумина едноставно не можат да се пензионираат.
Некои мора да работат бидејќи им се потребни пари, немаат доволно заштедено или ја потрошиле заштедата. Мора да продолжат да работат за да ги платат скапите здравствени услуги за блиски членови од семејството, како што е сопружник заболен од Алцхајмер или возрасно дете со инвалидитет, брат или сестра со инвалидитет, укажа Џонсон.
Последните податоци од 2020 година укажуваат дека е пораснат процентот на сиромаштија меѓу луѓето помлади од 65 години.