Новогодишното украсување на градовите е најсилниот адут за поттикнување на празничната магија. Секоја година огромен број туристи ги посетуваат местата кои се накитени со секаков вид новогодишни украси, од кои најголем дел се изработени од светилки. Дали крајот на годината, што е претставен како „најубавиот период“ оваа година во земјава ќе блесне во целосен сјај со оглед на енергетската криза? Од Париз до Лондон веќе светнаа новогодишните светилки, но годинава со ограничување во времетраењето, како и со избор на енергетски ефикасни светилки.
Веќе е декември, а од Град Скопје сѐ уште немаат информирано какви се плановите за новогодишното украсување. Oттаму наведоа дека во претстојниот период на прес-конференција ќе ја соопштат одлуката и сите детали. Сепак, во главниот град веќе голем дел од угостителските локали се накитени.
Градоначалникот на Охрид, пред неколку дена изјава дека тој македонски туристички град ќе биде накитен и ќе се одржи новогодишна прослава без оглед на енергетската криза.
Психолозите со став во однос на тоа како влијае китењето на градот врз расположението на луѓето, рекоа дека секако е позитивно, но во вакво време народот генерално би бил посреќен доколку средствата, кои би се одвоиле за китење, би се донирале на оние на кои им се најпотребни.
Која и да биде одлуката на градските власти во однос на китењето, апелите за штедење на електрична енергија треба да ги почитуваме и во нашите домови. Празнична атмосфера со помалку светилки, но со надеж дека следната година новогодишната еуфорија ќе се врати во целосен сјај.
извор: nezavisen.mk