Секоја четврта фирма во Германија се жали дека не може да добие кредит, а кога се работи за малите фирми - дури секоја втора. Тоа е рекорд во последните пет години. Во некои стопански гранки е особено тешко.
Инфлација, стагфлација, а наскоро и рецесија. Во Германија веќе никој не се сомнева дека доаѓа рецесија, прашањето е само колку ќе биде тешка. Несигурноста и стравот од бран банкроти стануваат сѐ посилни, а тоа го знаат и банките, па германските фирми се потешко добиваат нови кредити: во 24,3 отсто од фирмите кои во моментов преговараат за кредити велат дека се соочуваат со голем отпор на банките. Тоа е резултат од истражувањето кое го објави минхенскиот Ифо Институт, и тоа е најголемата вредност од 2017 година.
Состојбата се разликува низ стопанските гранки, а зависи и од големината на фирмата. Па така, во 28.8 отсто фирми од услужната дејност, во 22.4 отсто кај производителите на автомобили, 15 отсто од трговските претпријатија и 8.4 отсто од фирмите во хемиската индустрија, велат дека банките не се расположени да им одобрат кредит.
Малите фирми зависат од кредити
Најтешко се погодени малите фирми и самовработените; речиси секоја втора фирма која бара кредит пријавила дека е многу тешко да се позајмат пари од банка.
На самиот врв на „црвените листи“ на банките се консултантите, архитектите и фирмите кои се занимаваат со изнајмување на недвижности. Сѐ уште не сме каде што бевме во кризната 2008, кога половината од фирмите, пред се во градежништвото, имаа проблем да добијат кредит, а од другата половина се жалеа на каматите кои беа 9 или повеќе проценти.
И каматните стапки го отежнуваат кредитирањето
Банките се многу построги кога е во прашање кредитирањето и поради пресвртот во каматните стапки. „Кога банката ќе добие прашалник, многу внимателно го испитува потенцијалниот должник и разгледува дали тој може себеси да си дозволи поскапи камати и отплата на главнината во иднина“, објаснува Кристина Банијер, професорка по банкарство и финансии на Универзитетот Јустус Либиг во Гисен.
Бундесбанката веќе ја гледа Германија на прагот на економски пад поради енергетската криза. „Упорно високата инфлација и неизвесноста околу снабдувањето со енергија и нејзините трошоци имаат значајно влијание врз германското стопанство“, се наведува во најновиот месечен извештај.
Уште во минатиот летен квартал, бруто домашниот производ не само што престана да расте, туку и стагнираше. Во зимското полугодие веројатно „значително ќе се намали“. Бундесбанката укажува на опасноста од рецесија и под тоа подразбира јасен, сеопфатен и долготраен пад на економијата во Германија.