Домашните скијачки центри од година во година се' повеќе вложуваат во ски центрите, благодарение на големиот број гости како од земајва така и од соседството.
Скијачката сезона во Маврово ќе започне во моментот кога ќе се создадат услови за уредување на ски терените, односно кога ќе има доволно снежни врнежи и температура која ќе овозможи снежната наметка да се одржува на ниво кое е потребно за скијање. Во минативе две недели снег падна во минимални количини и истиот не се задржа. Календарски, периодот од средината на декември до Нова година е вообичаен период за старт на ски сезоната – велат од ски ресортот Маврово за Фактор.
Притоа додаваат дека доколку има снежни врнежи и поволна температура и влажност на воздухот, како и во минатото постои можност ски сезоната да започне и во втората половина на декември. Сепак, тие посочуваат дека засега временската прогноза не укажува дека можните врнежи на снег ќе бидат доволни да започнат порано.
Од таму дополнуваат дека се подготвени да одговорат на барањата на секој тип посетители, со разни понуди од областа на хотелско сместување, угостителски услуги, скијање и активности поврзани со скијање, престој и забава во зимски услови.
Во сите групи на активности превземени се навремени мерки за подготовка и пречек на гостите во новата зимска сезона. За скијачите кои купуваат сезонски карти покрај промотивна цена обезбедени се и дополнителни попусти. Со нивната сезонска карта ќе добивате попуст во значителен дел од угосителски/услужни објекти во Маврово и делумно во Скопје. За време на викендите ќе биде подготвена богата забавна и музичка програма за трите бачила (Трифкова колиба, Старо Бачило и Галичко Бачило) и ноќниот клуб Ратрак.
Љубителите на зимските спортови, а особено оние кои редовно скијаат веќе навалија и на купување на ски карти за целата сезона. Во продажба се пуштени карти со попуст за следната сезона. Притоа за деца до 13 години сезонската карта чини 11.500 денари, за млади до 23 години картите се 13.500 денари, додека за над 24 години љубителите на зимните спортови треба да одвојат 17.500 денари за карти за посета на ски терените во текот на целата сезона.
извор: faktor.mk