Штрајкот на приватните превозници го преполови бројот на ученици во средните училишта. Во „Арсени Јовков“ во општина Бутел отсуствуваа 20 отсто од учениците, додека вчера не дошле дури половината, односно, од 228 ученици, отсутни биле 122. Најтешко им е на учениците кои доаѓаат од Арачиново, Ченто и од селата во општина Сарај.
Во училиштето сретнавме ученици од село Ласкарци во општина Сарај. За да не пропуштат часови, морале да платат приватен превоз.
„Немаше превоз и не успеавме да дојдеме на училиште. Дојдовме со приватен превоз, со автомобил до училиштето. Дали е тоа дополнителен трошок за вас? Да, но се трудиме да го надминеме“, велат ученици од с. Ласкарци.
Учениците бараат брзо решение за проблемот. Како што велат, поради големиот број отсуства, часовите не можат целосно да се одржат.
„Има многу кои доаѓаат од селата, не само во нашиот клас, туку и во целата генерација, па ова ги спречува. Мора што поскоро да се најде решение, многу им е тешко бидејќи немаат со што да дојдат. Во класот нема настава со премалку луѓе, дури ни професорите не можат да предаваат“, додава друг ученик.
Според раководствата на училиштата, отсуствата на учениците поврзани со штрајкот на приватните превозници ќе им бидат оправдани.
извор: alsat.mk