Инвестиција на „Алкалоид“ во сопственото производство. Новите лаборатории за контрола на квалитетот, истражување, развој и за регистрации се организирани на простор од 400 м², во производствениот сегмент за козметички производи на локалитетот во Ѓорче Петров.
Добропознатите брендови на „Алкалоид“ – Becutan, Sattwa, Young derm, Black up, Gloss – произведени со примена на строгите принципи за добра производствена и лабораториска пракса, отсега ќе добијат нови лабораториски капацитети за контрола и за следење на нивниот квалитет, како и за развој на нови производи, во согласност со важечките национални и интернационални регулативи.
Со новиот инвестициски проект вреден 720.000 евра, изведен во согласност со најсовремените услови за работење, обезбедени се простор за лабораториско работење, простор за обработка на податоци, простор за складирање документација, просторија за чување реагенси, просторија за резервни мостри, како и вагална и перална.
„Козметичкиот сегмент во личната карта на ’Алкалоид’ постои од 1972 година, од кога датираат и зачетоците на некои од нашите добро познати брендови, кои успеале да опстојат на пазарот сето ова време благодарение на нивниот константен и врвен квалитет. Динамиката на козметичката индустрија налага постојано следење на трендовите преку воведување нови формулации кои ќе ги задоволат најпробирливите барања на потрошувачите. Овие нови лабораториски капацитети, кои ги пуштаме во употреба денес, имаат цел да ги осигураат високите очекувања во поглед на квалитетот на нашите козметички производи и да создадат нови производи во склад со потребите на модерните текови во козметологијата“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.
Со инсталираната опрема во новите лабораториски и развојни капацитети ќе се овозможи одредување на квантитативната застапеност на конзерванси, тешки метали и на активни компоненти во производите, додека, пак, опремата за контрола на составот на материјалите за пакување на производите ќе обезбеди континуиран мониторинг на влезната амбалажа и на нејзината безбедна употреба. Коморите опремени со термометри и со влагометри дозволуваат симулации за потврда на стабилноста на производите за сите климатски зони во светот.
Сегментот козметика на „Алкалоид“ АД Скопје има 136 вработени. Во новите лаборатории за контрола на квалитетот, истражување, развој и за регистрации ќе работат 18 извршители (фармацевти, технолози, хемиски инженери и хемиски техничари).