Елиминација на човечкиот фактор и субјективниот пристап при инспекциите, намалена корупција, помалку инспекциски надзори и контроли, скратено време на инспекциските постапки, зголемена правна сигурност за субјектите на надзор. Тоа треба да се овозможи со Е-инспектор, електронски систем за дигитализација и автоматизација на инспекциската постапка и надзор преку кој треба да се поврзат 28 инспекциски служби.
Е-инспектор, кој е најавен како најсеопфатен и најважен инструмент во борбата за спречување на корупцијата, според стопанственциите треба да биде проследен и со подигнување на професионалноста, компетентноста и експертската подготвеност на инспекциските кадри. Предизвик за поголема ефективност и понатаму останува неекипираноста на инспекторатите, каде со најмалку пополнети работни места заклучно со лани е Инспекторатот за локална самоуправа, а со најмногу Санитарниот и здравствениот инспекторат.
Во тек на месецов се очекува да започне развојот на модулите за првите три инспекциски служби, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство и Инспекторатот за употреба на јазиците, опфатени со Е-Инспектор. Овој систем би бил целосно оперативен во февруари 2024 година, од кога преку него треба да се спроведува инспекциската постапка и надзорот на инспекторите. Со проектот најавен како алатка во борбата против корупцијата се ветува и фер пристап, односно субјектите кои ги почитуваат законите и плаќаат данок, нема да бидат оптоварени со постојани редовни контроли. Електронски ќе се обезбедуваат сите потребни документи. Ќе може да се вршат и заеднички и координирани надзори од повеќе инспекциски служби во исто време.
Со софтверот и неговото приклучување кон платформата за интероперабилност, инспекторите ќе можат лесно и брзо да ги добијат сите податоци од другите институции кои им се неопходни за да можат квалитетно и навремено да ја спроведат и завршат инспекциската постапка, со што ќе се намали и притисокот кон стопанствениците во однос на обезбедувањето на потребните податоци.
Со Е-Инспектор се прават промени и при распределбата на надзорите, односно распределбата на надзорите/предметите до инспекторите ќе биде исто така автоматизирана и ќе се врши согласно одредени критериуми како што се обемот, сложеноста и тежината на надзорот, и нивото и искуството на инспекторите.
Според последните податоци за актуелните систематизации на работните места во инспекциските служби со кои располага Инспекцискиот совет согласно со извештаите за 2021 година, во државава се предвидени 1.463 работни места за инспектори, распоредени во две категории и осум нивоа, односно звања. Од нив, 944 работни места или 64,5 проценти се пополнети со инспектори кои поседуваат лиценца за инспектор и можат самостојно да вршат надзор, додека на 59 работни места или четири проценти се распоредени кандидати за инспектор, кои во текот на годинава се стекнале со право да полагаат испит за лиценца за инспектор.
Со помалку од една петтина пополнети работни места за инспектори, најкритична е состојбата во Државниот инспекторат за локална самоуправа (10,7 проценти), Управата за сигурност во железничкиот сообраќај (16,7 проценти), Инспекторатот за употреба на јазиците (18,7 проценти) и во Државниот девизен инспекторат (20 проценти).
Од друга страна, најдобра е состојбата во Државниот санитарен и здравствен инспекторат, каде пополнетоста на работните места за инспектори изнесува 97,8 проценти, Државен просветен инспекторат и Државен инспекторат за транспорт со по 82,1 процент пополнети работни места за инспектори. Меѓутоа, посочуваат од Советот, во оваа смисла мора да се истакне (не)пополнетоста на работните места во два од поголемите инспекторати, со оглед на нивниот голем обем на работа, посебно во последните две години на пандемија.
Годишниот извештај за работата на инспекциските служби под нивна надлежност за 2021 година покажува дека се извршени вкупно 171.847 надзори, од кои 52.848 редовни, 100.770 вонредни и 18.228 контролни. При надзорите се утврдени над 20.979 неправилности.