Бројот на нови патнички возила регистрирани во Европската Унија во ноември се зголеми четврти месец по ред, но за 11 месеци од оваа година, продажбата сè уште е во пад, покажуваат податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).
Вкупно 829.527 нови регистрации во ЕУ минатиот месец претставува зголемување од 16,3 отсто во споредба со истиот месец минатата година, објави во четвртокот ACEA.
Сепак, и покрај растот на продажбата во последните четири месеци, од јануари до ноември, е забележан пад на продажбата на нови автомобили во цела ЕУ, за 6,1 отсто во однос на истиот период лани. Дополнително, бројот на нови возила во ноември остана далеку под истиот месец пред три години и пред пандемијата, кога беа регистрирани околу еден милион.
На месечно ниво, раст на продажбата на возила е забележан на сите најголеми пазари. Најмногу е зголемена продажбата во Германија, 31,4 отсто, додека во Италија продажбата е зголемена за 14,7 отсто, во Шпанија 10,3 отсто и во Франција 9,3 отсто.
Сепак, за 11 месеци од годинава вкупната продажба бележи пад.
„И покрај неодамнешните силни резултати, падот забележан од јануари до јули е доволен за да ги намали перформансите од годината до денес“, објави ACEA.
Од четирите најголеми пазари во ЕУ, Италија беше најслаба оваа година, со пад од речиси 12 отсто на новите регистрации, додека Германија и натаму е најдобра со само 2 отсто пад. Во Франција бројот на нови возила е намален за речиси 9, а во Шпанија за 4 отсто.
Првото место на нови регистрации меѓу производителите беше групацијата Volkswagen во ноември, која оствари 36,4 отсто скок во продажбата на месечно ниво, вклучително и Porsche со пораст од 18 отсто. BMW забележа пораст на ниво на целата групација за 14,2 отсто, а Mercedes-Benz за 10,8 отсто.
извор: kajgana.com