Втор ден во 2023-тата година и втор ден како скопјани се разбудија во магла и загаден воздух.
Празниците и неработните денови во кој Скопје е обвиено со магла, ги натера многумина Скопјани да излезат на чист воздух на планината Водно.
Но на сонцето уживаа само оние кои сами се искачија бидејќи жичарата не работеше. Со автомобили можеше да се стигне само до подножјето на планината – Панорама каде што полицијата го регулираше сообраќајот и не дозволуваше пристап до средно Водно како што е вообичаено.
„Жичарницата нема да работи, бидејќи секој понеделник, како и секој последен вторник во месецот се врши редовен преглед на објектот“ – велат од ЈСП.
Маглата беше причина поради која ноќеска и утрово на скопскиот аеродром десетина лета беа одложени па патниците со доцнење од неколку часа полетаа или слетаа на аеродромската писта а некои беа и пренасочени.
„Од 20 часот на први јануари до 9 часот наутро денеска на втори јануари 2023 година, 9 лета беа откажани, а 4 лета беа пренасочени, поради намалена видливост како резултат на густата магла во скопската котлина.Авиопревозниците им организираа превоз и хотелско сместување на патниците од овие летови.Од 9 часот натаму, авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје се одвива по регуларниот распоред и до 17 часот не очекуваме нарушувања“ – соопштија од ТАВ.
Поради маглата намалена е видливоста и на неколку патни правци низ државата а од АМСМ предупредуваат на опасност и апелираат до возачите да ја приспособат брзината според видливоста и условите на патот.
Од УХМР пак најавија дека нестабилното време и маглата ќе продолжат и во наредните неколку дена.