Дали некогаш ви се случило да препорачате некој пријател во вашата компанија?
Во некои компании, за тоа следува награда во форма на бонус за препорака.
Живееме во време на дисрупции. Пазарот на работна сила брзо се менува, а вниманието се повеќе се насочува на страна на работобарателите. Денес, многу потешко е да се дојде до најперспективните таленти отколку минатата година, а истата споредба важи и за минатата година доколку се компарира со некој претходен период.
Дел од компаниите кои ги антиципираа овие тектонски движења на пазарот на трудот започнаа да бараат алтернативни или комплементарни решенија со кои ќе се обидат да го освојат вниманието на посакуваните кандидати.
Едно такво решение е и бонусот за препорака кој претставува финансиска награда за вработен кој во секторот за човечки ресурси ќе препорача свој пријател или познаник за вработување.
Зошто ваквиот бонус е добар за вашата компанија?
Со имплементирање на оваа бонусна политика компанијата се здобива со можност да гради заедница помеѓу своите вработени. Тоа е така бидејќи да се препорача добар кандидат е и од општ интерес за секој вработен, а доколку самите вработени си ги бираат своите колеги, многу поверојатно е да наидете на една синергија која овозможува работните процеси да се одвиваат брзо и лесно.
Мислењето на HR професионалците за оваа бонусна политика е дека се работи за win-win решение бидејќи вработените добиваат бонус, а компанијата се здобива со квалитетен човечки капитал без дополнителни трошоци за регрутација.