Иако инфлацијата и економската криза си го направија своето и низ земјите на Европската Унија, сè уште има работи кои би можеле да се купат за една монета на официјалната валута- еврото.
Означувајќи го официјалниот почеток на употребата на еврото во Хрватска, кој стартуваше на 1 јануари, хрватскиот портал Јутарњи истражи што сè уште може да се купи за едно евро низ европските земји.
ИТАЛИЈА: ЕСПРЕСО
По водата, еспресото е најчесто консумираниот пијалок во Италија, која долго време се спротивставува на поскапувањата и чија цена од 1 евро беше стандардна. Иако на некои места сè уште може да се најде по таа цена, некои кафулиња сега го наплаќаат по 1,10 или 1,20 евра. Според некои истражувања, дури 70 отсто од кафулињата сега наплаќаат повеќе од 1 евро за едно еспресо. Што значи дека сепак можете да си купите вистинско италијанско еспресо во останатите триесет проценти од нив за една паричка!
ФРАНЦИЈА: БАГЕТ
Страницата за водич за хотели во Франција ги спореди цените на багетите во 100 париски пекари во Париз. Просечната цена на францускиот омилен леб е 1,07 евра, при што најевтиниот багет во градот чини 0,85 евра, а најскапиот 2 евра.
ЧЕШКА: ГОЛЕМО ПИВО
Чешка е горда на својата традиција на пиво, а цената на омилениот пијалок отсекогаш била исклучително ниска во споредба со другите западни земји. Во моментов просечната цена на точеното, локално пиво во Прага е 1,3 евра, но во помалку туристичките делови на Прага може да се најде за едно евро.
РОМАНИЈА: ПАРЧЕ ПИЦА, БУГАРИЈА: СЕНДВИЧ
Одиме на исток затоа што на запад, изгледа, нашето евро не вреди многу. Во главниот град на Бугарија на штандови и пекари низ градот можете да јадете евтин оброк во вид на сендвич или ужина за 1 евро: хот-дог, помфрит, палачинка…
Во пекарите во Букурешт лесно ќе најдете крој на пица по цена од 1 евро, а некаде и неколку центи помалку.
ТУРЦИЈА: ЃЕВРЕК
Надвор од ЕУ, но сепак Европа: На секој чекор во Истанбул можете да видите тезги со тркалезни ѓевреци посипани со сусам, наречени симит, кои се продаваат празни или намачкани со намаз од сирење. Бидејќи за оваа закуска ќе платите околу половина евро, а на некои локации и помалку, за едно евро добивате дупла порција. На улиците во Истанбул задолжително испијте сок од цедена калинка, кој сега чини нешто повеќе од 1 евро.