Леб, компири, пиперки, домати, јаболка. Ова се најчестите производи кои се присутни на македонските трпези. Македонците пијат и големи количини кафе.
Според податоците на Државниот завод за статистика, кај нас домаќинствата најмногу консумираат леб – 255,6 килограми во просек годишно, потоа компир – 92,2 килограми и јужно овошје – 86,7 килограми, додека од месо најмногу јадат живина – 53,4 килограми, потоа преработки од месо – 50,2 килограми, понатаму следи свинско – 35,1 килограм и говедско, телешко и јунешко – 23,8 килограми. Свежа и замрзната риба – 24 килограми, а преработки од риба – 3,1 килограм. Од овошје, освен јужно овошје, граѓаните најмногу јаделе јаболка – 45,5 килограми и бостан – 41,5 килограми, а најмалку јаделе цреши и вишни – 2,5 килограми и круши – 3 килограми. Од зеленчук, освен компир, луѓето најмногу јаделе пипер – 67,6 килограми и домати – 44,8 килограми, а најмалку грашок и боранија – 2 килограми. Кај млечните производи, домаќинствата најмногу пиеле млеко – 110,9 литри, потоа кисело млеко и јогурт – 88,6, а сирења 47,6 килограми и други млечни производи – 12,1 килограм. Oва се податоци за 2021 година.
Нутриционистите објаснуваат дека граѓаните треба да посветат поголемо внимание на здравата храна, затоа што на тој начин го чуваат и своето здравје.
„Неправилниот животен стил, детерминиран од начинот на исхрана, физичката неактивност и други фактори придонесуваат за епидемија на зголемена телесна тежина, која пак е голем ризик фактор за многу заболувања кај нас и во светот. Секако дека за тоа што ќе јадеме и колку, зависи од индивидуата, меѓутоа големо влијание има и средината во која живееме. Снабдувањето со храна е изменето во последните години. Во моментот е многу лесно достапна висококалоричната и нездрава храна со мала нутритивна вредност, која пак за нашата популација изгледа попривлечно и повкусно. Зголемена е достапноста на храна со додадени масти, масла, млеко, млечни производи, храна богата со конзерванси, сувомеснати производи и храна со концентрирани шеќери. И покрај ова доколку свеста би била на повисоко ниво би го направиле правилниот избор. Затоа треба да се работи на подигнување на свесноста на популацијата за важноста на исхраната, физичката активност и целосно подобрување на животниот стил“, велат тие.
Бројките покажуваат дека домаќинствата во просек испиле 226 литри безалкохолни пијалаци и 50,9 литри алкохолни. Изеле и 29,5 килограми чоколади и кекс и испиле 10,2 килограми кафе и какао.
Велат дека подобрувањето на животниот стил има извонреден потенцијал за намалување на преваленцата на зголемена телесна тежина и дебелината, намалување на болестите, предвремена смрт и воопшто подобрување на јавното здравје.
„Ова може да се постигне со едукација уште од најрана возраст, во која би се вклучиле стручни лица.Тргнувајќи од фактот дека една третина од децата на возраст од 6-7 годишна возраст во Македонија се со зголемена телесна тежина. Еден од приоритетите треба да ни претставува најмладата популација каде сè повеќе има појава на дебелина, која пак е тесно поврзана со појавата на болести во рана возраст. Препорачуваме да се избегнува храна богата со заситени масти и трансмасни киселини, додадени шеќери и рафинирани жита. Да се консумира здрава, разновидна и што помалку обработена храна. Да се зголеми внесот на овошје и зеленчук и тоа најдобро би било секогаш да се консумира сезонско, храна богата со растителни влакна (грав, грашок, боранија, леќа итн.), јаткасти плодови (ореви, бадеми, лешници), интегрални житарици богати со растителни влакна, витамини, минерали (интегрален леб, интегрален ориз и тестенини). Риба богата со омега 3 масни киселини се препорачува 2 пати неделно, млеко и млечни производи со мал процент на масти, јајца, месо во ограничени количини“, додаваат.
Но, не треба да се занемари и количината на кафе која ја внесуваме, иако има и нации кои пијат многу повеќе кафе од македонските граѓани. Според податоци од Интернационалната организација за кафе кои беа објавени пред неколку години, Финците се наоѓаат на врвот на листата во Европа со 12 килограми по лице годишно.
извор: faktor.mk