Во овој период од годината ретко кој не прави француска или руска салата во поголеми количини кои потоа се дојадуваат со денови. Но колку денови е најдобро да се чуваат, на кој начин, како и која е разликата помеѓу овие две салати прочитајте подолу во текстот.
Руската или француската салата се незаменлива состојка на празничните трпези, лесно се подготвуваат, се чуваат во фрижидер, калорични се и одлично се комбинираат со многу главни јадења. Руската салата се прави на ист начин како и француската, но со додаток на месо, кое е главната состојка која создава разлика во вкусот и текстурата.
И двете салати се комбинација од повеќе видови зеленчук, мајонез, сенф и кисели краставички, а разликата меѓу руската и француската салата е што во првата се става месо исечкано на коцки (бело месо, шунка…), а во втората само зеленчук и варени јајца кои се комбинираат со мајонез и сенф.
За да ја направите најоригиналната руска салата, треба да користите бело пилешко.
Двата вида салата потекнуваат од популарната Оливиерсалат, која ја официјализирал Лусиен Оливие, познат готвач со француско-белгиско потекло, уште во царска Русија. Во 1860 година во Москва ресторанот „Ермитаж“, меѓу останатите француски специјалитети, ја имал и оваа салата која московјаните ја обожавале. Рецептот за сосот бил посебен и строго чуван. На крајот на 19 век, руски готвач кој работел во ресторанот на Оливие, го ископирал рецептот кој се чувал со години и слична верзија послужил во друг ресторан, наречен „Граѓанска“. Подоцна станале познати како руска и француска салата, со тоа што во француската салата не се ставало месо.
Инаку, овие салати најдобро е да се чуваат во сад со капак и на ладно место, односно во фрижидер.
Експертите препорачуваат 4°C како идеална температура за чување на која и да е, од овие две салати. Сепак, дури и ако ги чувате правилно, најдобро би било да ги изедете во рок од три дена. Причината за тоа е што по одредено време, особено ако ги чувате подолго време надвор од фрижидер, состојките ферментираат и се расипуваат. Не би било лошо дел од салатата да се стави во чинија, а потоа веднаш да се врати во фрижидер, за да не се расипе побрзо.
извор: artkujna.mk