Многу митови паѓаат во вода, меѓу нив и митот за воздушните бањи со чист воздух, како Берово и Охрид, покажуваат последните анализи на „О2 Иницијатива“. Во поглед на многу поопасните ПМ2,5, Берово изминатиот декември има само еден ден со т.н. чист воздух. Ниту Охрид, ниту Гевгелија, кои важеа за градови со чист воздух, во 2022 година немаат добар воздух во однос на ПМ2,5.
„Во Берово може да се смета дека само еден ден имаме чист воздух. Со тоа што морам да нагласам дека ние како држава за пм 2,5 немаме гранични вредности во уредбата и затоа во однос на овие гранични вредности се раководевме, според европскиот индекс за квалитет на воздух каде што границата за 2,5 е некаде 20 милиграми на метар кубен, а на пм10 е 40. Кај нас 50 за пм10 и затоа тие вредности се означени со жолта боја“, изјави Невена Георгиевска од „о2 иницијатива“.
Би можело да ве интересира: Вее снег во ски центрите во Македонија – Еве колку снег има, најмногу на Попова Шапка
Најголем број на денови со чист воздух во изминативе неколку години, доколку се изземе Лазарополе, се измерени во Битола и Штип. Мерната станица Битола 1 се наоѓа на периферијата на Битола во близина на мали индустрии за производство на храна и пијалоци, на оддалеченост од 13 километри од РЕК Битола.
„Да, тоа е само на едната мерна станица, значи и затоа сметам дека е интересен податок. Значи надлежните треба сами да си ги видат податоците што ги објавуваат и да си дадат објаснување зошто е тоа така. Значи врз податоците што се објавуваат влијаат многу фактори. Ружа на ветрови, климатски метеролошки услови, така што сите тие покажуваат како да изградиме стратегија и како сите извори подеднакво да се намалат“, додава Георгиевска.
Најмалку денови со чист воздух во декември изминативе години се измерени во Кичево, во Тетово и во Кавадарци. Најголем број на денови со чист воздух во декември 2022 година имаат Миладиновци, Кочани и Велес. Во однос на ПМ10 честичките, во Скопје и Тетово повеќе ги нема високите дневни концентрации со над 500, 600, 700, 800, 900 милиграми на кубен метар кои беа резултат на големата индустрија која работеше без филтри, како „Макстил“, „Југохром“ и др.