Во ноември 2022 година се издадени 85 одобренија за градење во Скопскиот Регион, од кои 51 на градежни фирми и 34 на физички лица.
Во Општина Гази Баба се издадени 32 одобренија, во Центар – 22, во Илинден – 14, Во Петровец – 5, во Чучер Сандево – 4, Сопиште – 3, Аеродром – 2 и по едно во Зелениково, Сарај и во Студеничани.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 1,89 милијарди денари или 30,7 милиони евра.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 249 станови со вкупна корисна површина од 17.691 квадратен метар. Најмногу станови се во Центар – 123 и 118 во Гази Баба, и најголем процент се двособни станови.
Според статистичките податоци, во 2021 година биле завршени 5.959 станови, а во 2020 година – 4.077. Од вкупно изградените станови во 2021 година, најмногу биле изградени трисобни станови (29,3 %), а најмалку гарсониери и еднособни (7,3 %). Речиси секој трети стан што е изграден во 2021 година е трисобен. Во 2021 година, бројот на завршени станови е за 46,2 % поголем во однос на претходната година. Просечната корисна површина на завршените станови е 91,1 квадратен метар.
Во вкупната вредност на потрошените градежни материјали и енергија, во 2021 година, најголемо учество има групата материјали за врзување со 3, 5 милијарди денари (37,6 %), во која спаѓа цементот, но тука влегуваат и свежиот бетон подготвен за леење и асфалтот.
Во Скопје расте цената на квадратот, но расте и цената на изнајмувањето на становите. Во главниот град веќе не може да се изнајми стан под 200 евра. Цените на кириите на становите од 40 до 60 квадратни метри, кои се најбарани, се движат од 200 до 300 евра. Од агенциите за недвижности велат дека растот на цената за изнајмување се должи на зголемената побарувачка. Оттаму велат дека внатрешната миграција во државата последниве години зема замав, а во Скопје, освен студенти и работници, освен студенти и работници од другите градови има и странски работници.
И градежниците велат дека главни причини за порастот на кириите се зголемената побарувачка и растот на цената на квадратот. Големо влијание има и напливот од странски студенти, особено на турци, но и недостигот на работна сила, поради што голем дел од работниците од внатрешноста доаѓаат на работа во Скопје и изнајмуваат станови.
Во Скопје, најбарани за изнајмување се становите од 40 до 60 квадратни метри, а кириите за нив се движат од 200 до 300 евра. Додека наместените се изнајмуваат за повисока цена.
извор: vecer.press