Со инвестиција од 200 до 400 илјади евра до македонско државјанство Специјализирани сајтови за инвестиции во странство ја посочуваат Македонија како поволна даночна средина, а како главен бенефит од македонскиот пасош се наведува дека со него може да се патува во 125 дестинации
Можеби ќе ве интересира: Сè е можно со пари: Ова се пет земји во кои можете да добиете двојно државјанство
„Можете автоматски да добиете македонско државјанство со инвестирање од 200 до 400 илјади евра. Оние коишто ќе го добијат ова државјанство ќе имаат право на слободно движење во Хонг Конг, Јапонија, Сингапур, Турција и во европската Шенген зона, како и е-виза за Индија и пристап до вкупно 125 дестинации. Граѓаните исто така ќе имаат можност да го пренесат државјанството на идните генерации, со пристап до стратешки трговски пазар и многу повеќе“. Ова се дел од ветувањата коишто можат да се прочитаат на специјализирани интернет страници за инвестиции во странство, а коишто се наменети за бизнисмени коишто сакаат да инвестираат во Македонија. Еден од нив е и сајтот на Наираметрикс (Nairametrics) - компанија за финансиски ресурси со седиште во Нигерија, со посебен фокус на финансиска писменост, застапување за инвеститори и деловна интелигенција, којшто деновиве објави текст во којшто се наведува дека „македонско државјанство по инвестиција може да се добие без минимални барања за престој или јазик.
„На македонската влада ѝ требаат богати и талентирани поединци кои можат да инвестираат во земјата и да ја поттикнат нејзината економија. Да се биде државјанин значи да се обезбедат бенефиции како што се слободно движење во повеќе земји“, наведува Наираметрикс.
„Од 2005 година до 31 декември 2022 година со македонско државјанство се стекнале вкупно 121 лице од економски интерес, потоа 12 лица од културен интерес, 12 лица од научен интерес и 134 лица од спортски интерес“, велат од македонското Министерство за внатрешни работи за Дојче веле.
Наираметрикс во текст во којшто ги објаснува сите чекори како инвеститорите да дојдат до македонско државјанство посочува дека постапката може да се заврши во рок од два до пет месеци со минимална инвестиција од 200.000 до 400.000 евра без минимални барања за престој или јазик. Македонија се опишува како земја во Југоисточна Европа со живописни реки и планински региони, која има просперитетна економија со добри земјоделски и трговски перспективи и богато културно наследство. Но, и со пријателска култура и како поволна даночна средина.