Идниот месец најверојатно минималната плата ќе биде околу 20.500 денари во приватниот и јавниот сектор и тие средства се предвидени со Буџетот за 2023 година.
Но, за да има еднаквост, треба за 2.000 денари линеарно да се покачат и платите во државната администрација, средства што се предвидени во сите институции, рече денеска министерот за економија.
Ако за ова треба да се донесе законско решение, министерот е убеден дека поддршка ќе дадат сите политички партии.
Според него, Министерството за финансии ги направи сите неопходни калкулации и е подготвено да се реализира зголемувањето на минималната плата и платата на административните службеници.
- Воведовме законско решение за утврдување на минималната плата. Методологијата е целосно усогласена со синдикатите и институциите. Имајќи го предвид зголемувањето на минималната плата, очекувам дека покачувањето ќе биде над 2 000 денари линеарно за секоја категорија во државната администрација. Ако некој се спротивстави на зголемување на платите, мислам дека ќе направи голема грешка, а ако треба да се носи законско решение, најверојатно ќе го поддржат сите политички партии. Треба да направиме се што е во наша можност за да ги зголемиме платите, имајќи ги предвид инфлацијата и очекувањата на граѓаните и во таа насока ќе постапиме како Влада.