Жителите од Автокоманда своето незадоволство поради изменетите услови во испораката на топлинска енергија и поради промената на снабдувачот, денеска попладне ќе го искажат со блокада на булеварот Александар Македонски. Граѓаните повикуваат на масовно присуство на протестот, кој започнува во 18 часот на семафорите кај “Бакс“.
Поради протестот, МВР извести дека денеска во периодот од 18 до 19.30 часот, на крстосницата помеѓу булеварот Александар Македонски и улицата 16 Македонска бригада, сообраќајната полиција ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по наведените сообраќајници.
Граѓаните од Автокоманда не сакаат да добиваат греење од ЕСМ Снабдување и бараат да се вратат на „железарското“ парно. Најмногу се револтирани што наместо 24 часа како досега, сега ќе имаат греење од 6 часот наутро до 22 часот, а притоа и натаму ќе добиваат сметки со непроменет износ.
Од ЕСМ Снабдување, по реакциите на граѓаните на социјалните мрежи, деновиве објавија дека од овој месец компанијата презема 2000 потрошувачи кои досега се се снабдувале со парно преку „Енергетика“, а останатите 2000 ќе бидат преземени до почетокот на наредната грејна сезона. Оттаму соопштија дека во моментот се работи на оптимизација на трошоците на системот за централно греење, што е во интерес на граѓаните и ги повикаа потрошувачите да дојдат и да потпишат договори со ЕСМ.