Доброто е што вработените конечно се вратија во прескапите канцеларии во Њујорк и посебно во Менхетен. Лошото е што во најдобар случај тоа се три дена неделно, бидејќи по ново ретко кој доаѓа на работа во понеделник и петок.
Би можело да ве интересира: Работата од дома во просек заштедува 72 минути дневно
Пировата победа работодавците деновиве ја објави Блумберг чија анализа на американските канцеларии покажала дека „во петок канцелариите се мртви, а понеделниците не се ни најмалку сигурни.“
„А враќањето на работниот распоред од пред пандемијата изгледа како изгубена кауза,“ сметаат од Блумберг.
Нивната пресметка е дека ова најмногу удрило во Њујорк, бидејќи работниците од Менхетен имаат 30% помалку работни денови во канцеларија заради што трошат барем 12,4 милијарди долари помалку од вообичаено. Бројката е добиена со множење на просечната потрошувачка по вработен со бројот на дневни патници и резиденти кои работеле во Менхетен во 2019.
„Ова значи дека просечниот работник троши 4.661 долари помалку за храна, шопинг и забава во близина на своите канцеларии во Њујорк. За споредба во Сан Франциско минусот е 3.040 долари, а во Чикаго 2.387 долари,“ пишува Блумберг.
Ваквата новостекната навика е на штета на тамошните „ресторани, продавници и други бизниси кои го хранат економскиот мотор на Њујорк“, плус јавниот превоз и приходите од даноци што ги очекува државата. Посебно голема штета трпи локалниот пазар на недвижности кој е еден од најголемите во Америка.
„Ако се плаќа помалку данок на приход во Њујорк, тогаш станува тешко да се пресмета како ќе се најдат доволно средства за одржување на метро системот или инвестирање во школи, безбедноста на градот или негово чистење и слични работи што се важни,“ објаснува човекот задолжен за градските финансии на Њујорк, Бред Ландер.
Бројките од компанијата за изнајмување луксузни возила, ХајКју корпорејт мобилити, покажуваат дека банкари, адвокати и општо високи менаџери исто така го имаат адаптирано својот распоред со фокус на вторник, среда и четврток. Според податоци извадени од 400.000 возења во последните 3 години, од јуни до декември 2022 бројот на возења во понеделниците и петоците достигнал околу 33 и 38 проценти од пред пандемиските нивоа. Во четвртоците има скок од 43%.
Затоа па ќарот од ова го гледаат населбите во кои живеат сите овие вработени што понеделник и петок работат од дома, па таму има раст на прометот во локалните кафулиња, бутки и продавници. Пример, бројот на трансакции во рестораните во Бруклин пораснал за 48% во споредба со 2019.
Просечната потрошувачка на шопинг во понеделниците во октомври пораснала за 28% во Бронкс, 21% во Квинс и 18% во Бруклин, додека во Менхетен едвај стига до 2% раст во споредба со истиот период 2019.
Заради намалениот број на луѓе што патуваат во Менхетен, тамошниот јавен превоз до јануари успева да се врати на само 64% од тоа што беше пред пандемијата, што се очекува дека до 2026 да се одрази со минус во приходи од 2 милијарди долари годишно. Заради ова се планира и гасење на седум линии во понеделник и петок.
Вон сите пресметки и ексели, проблемите со минусот луѓе за Блумберг ги потврдуваат и уличните продавачи според кои во понеделник и петок жив човек нема на улица.