СТАНИЌ ОД „ARENA HOSPITALITY“ - ХРВАТСКА: 90% ОД МАКЕДОНСКИТЕ РАБОТНИЦИ СЕ ВРАЌААТ ДА РАБОТАТ КАЈ НАС
Редакцијата на Rabotnik.com.mk направи ексклузивно интервју со Игор Станиќ, менаџер за човечки ресурси на ланецот на хотели „Arena Hospitality“ во Хрватска. Интервјуто ви го пренесуваме во целост:
Она што како прво прашање му го поставивме на нашиот соговорник е – што претставува Arena Hospitality, колку и каде хотели имаат и колку работници имаат вработено, но и каков профил на работници бараат за оваа сезона.
„Arena Hospitality Group е хотелска групација со седиште во Хрватска – во Пула и Истра. Управуваме со хотели, кампови и туристички населби. Ова се трите сегменти во кои работиме. Освен во Хрватска, хотели имаме во Германија, во Австрија, во Белград, а оваа година отвораме уште еден хотел во Загреб, кој ќе биде под брендот Арт хотел и ќе има пет ѕвезди“.
Во однос на бројот на вработени и профилите на работници кои ќе им требаат, Станиќ вели дека Групацијата е сезонски работодавач. Нивната сезона започнува некаде во четврти месец (април) и трае до крајот на октомври или најдоцна до средина на ноември. За време на сезоната тие вработуваат 1,650 работници. А, за оваа сезона ќе им требаат околу 1,000 сезонски работници.
Најмногу за работа им требаат работници за во кујна (готвачи, помошници готвачи, помошни работници во кујна); во одделот на домаќинството: собарки, хигиеничари, а потребни им се и работници за во централната пералница. Им требаат и рецепционери и помошни работници за на рецепција.
Следно, го прашавме за тоа што како работодавач им нудат на своите вработени и потенцијални кандидати за работа.
Станиќ објасни дека Arena Hospitality е голема фирма и дека работат согласно сите закони. „Она што мислам дека им е важно на сите работници, особено на работниците кои доаѓаат од други земји со работни дозволи е уредната пријава. Значи, секој работник има работна дозвола и здравствено и пензиско осигурување. Од условите, секако, им следува плата која е предвидена за работното место. На работниците им овозможуваме и сместување кое е бесплатно и се наоѓа во нашите туристички населби (апартмани). Потоа, секој работник има право на два оброци дневно и сите работници кои доаѓаат во Хрватска ни го даваат автобускиот билет кој го платиле од свој џеб и на првата плата им ги враќаме парите назад“, објасни Станиќ.
Сите работници добиваат и работна облека и обувки, вели тој, додавајќи дека ако се работници кои работат со храна, компанијата им овозможува санитарна потврда. Се на се, компанијата ги средува сите потребни административни работи.
На веб страната на Arena Hospitality стои дека на вработените им овозможуваат едукација, па го замоливме нашиот соговорник да ни објасни повеќе околу тоа.
Станиќ ни кажа дека на секој работник кој оди да работи во нивната компанија, обезбедена му е едукација.
„Едукацијата се состои од тоа, прво, секој работник да научи во каква фирма дошол, каква е културата на компанијата, како работиме и на кој начин се однесуваме со гостите. Понатаму, со секој работник работат по неколку лица кои го учат како се работи, како се постапува со гостите и кои се неговите задолженија“, рече Станиќ.
Тој посочи еден пример – ако одредено лице работи како келнер, со него на почетокот работат искусни келнери кои му објаснуваат како и што се работи, како да им приоѓа на гостите, како се наплатува итн.
Доколку е потребно, вели нашиот соговорник, работниците се испраќаат и на специјализирани едукации – дали за работа во бар или како сомелиер (работа со вино) и слично.
„Нашата идеја со сето тоа е што е можно повеќе да ги оспособиме за секое работно место на кое работат, за да бидат успешни и добри во работата“, додаде Станиќ.
Претходните два дена (сабота и недела), Станиќ и уште двајца негови соработници имаат интервјуа за работа со кандидати од Македонија, па го прашавме како е задоволен од тој процес.
„Многу сме задоволни“, рече Станиќ. „Во саботата и неделата направивме околу 150 разговори за работа, можеби и повеќе. Она што знам за сигурно е дека одбравме 54 кандидати на кои ќе им понудиме договори за работа за оваа сезона. Најголемиот број од нив кои ги одбравме се работници за во ресторан (помошници келнери, помлади келнери и келнери), потоа следуваат работниците за во кујна“, образложи Станиќ.
Овие 54 кандидати, посочи нашиот соговорник, се нови, односно за првпат ги виделе оваа година. Инаку, 90 % од работниците од Македонија кои претходно работеле кај нив, повторно се враќаат и оваа сезона, така што бројката на работници кои ќе заминат да работат во компанијата се движи од 70 до 80.
Со оглед на тоа дека и минатата година имале работници од Македонија, го прашавме што мисли за македонските работници.
Минатата година, вели Станиќ, во нивната компанија на работа дошле околу 70 работници од Македонија и од најголемиот дел од нив се многу задоволни.
„На работниците од кои бевме задоволни и оваа година им понудивме да дојдат на работа кај нас. Со оглед на тоа што најголемиот дел од тие работници ја имаат научено работата, а, на пример, минатата година работеле на позицијата помлад келнер, оваа година им понудивме унапредување, во случајот, унапредување на работна позиција келнер“, рече Станиќ.
Задоволни се од сите работници од Македонија од кои побарале и оваа година да се вратат на работа. „Станува збор за квалитетни и вредни работници кои се покажаа минатата година во одлично светло“, прецизираше Станиќ.
Побаравме став од соговорникот и за тоа дали очекува оваа година бројот на работници кои ќе заминат да работат во Хрватска да биде поголем, повикувајќи се на податоците дека минатата година кога во Хрватска работеле 10,000 македонски работници. На ова, Станиќ рече оти не знае колку би заминале, но очекува бројката да биде поголема од ланската.
За на крај, го прашавме што може да им порача на македонските работодавачи. Нашиот соговорник рече дека за да се задржи работникот, работодавачот мора да води грижа за него.
„Тоа значи дека работникот треба да има задоволувачки услови, во смисла на плата и надоместоци. Понатаму, работникот мора да има сигурност; да е пријавен и да е сѐ според законите; да не се прекршуваат работничките права, туку истите да се почитуваат заедно со Законот за работни односи. Она што е многу важно е да се вложува во едукацијата на работниците, за да може да се развиваат и напредуваат“, вели тој и додава дека доколку во работник кој е на почетна позиција се инвестира тој ќе напредува, за да потоа може и да биде унапреден на повисока позиција.
Тоа, според него, е многу важно за работниците.
„Работодавачите треба да се потрудат да ги учат и развиваат работниците, бидејќи тие доаѓаат со одредено знаење на работното место. Работниците се важен ресурс. Како што на пример се вложува во инфраструктура, така треба да се вложува во човечките ресурси, бидејќи единствените кои можат да направат ‘преродба’ се работниците. Хотелите и туристичките населби се сѐ ѕидови и мебел, оние кои носат еден голем плус се работниците“, рече за на крај нашиот соговорник.