Понекогаш може да добиете втора шанса за прв впечаток - ЕВЕ КАКО:
Ова е сценариото: Подготвени сте за интервју, станати рано, стокмени, спремни на било кое прашање и одеднаш - и покрај целото планирање се наоѓате заглавени во сообраќајот.
Зјапање во часовникот, во минутите кои баш тогаш летаат, нервоза, свирење... Ништо од тоа нема да го запре времето, за жал.
Што во таква ситуација?
Доцнење или уште полошо, не појавување на интервју може да биде кобно за вашата шанса за работа. Особено ако тоа ви се случи без најава или известување до работодавачот кој ве очекува. Секоја работа бара одговорност, а вие ќе ја „покажете“ вашата уште пред да се појавите на интервју. Лошо, нели?
Но, никој не е совршен. Разговаравме со неколку HR менаџери и тие ни открија неколку тајни со кои може да заслужите втора шанса и да го поправите првиот впечаток.
НАЈИТНО известете го работодавачот
Ако доцните, прво што треба да направите е да го известите лицето со кое комуницирате за интервјуто и за тоа да наведете разумна причина. Под разумна причина мислиме на сообраќајна незгода, итен случај во семејството, здравствен проблем. „Се успав“ или „далеку ми е не можам да ве најдам“ не се паметна опција за изговор. Експертите велат дека е најдобро да се јавите и да ја објасните причината или да ги замолите за презакажување на терминот, отколку тоа да го направите преку порака или e-mail. Најлоша варијатна на која не смеете да помислите е да се појавите подоцна од закажаниот термин за интервју, без никаква најава за доцнење и како воопшто тоа да не е никаков проблем.
Веднаш штом ќе сфатите дека нема да стигнете на договорениот термин, јавете се. Не чекајте да поминат неколку часа или уште полошо, да се јавите следниот ден.
Искрено извинете се
Ако не се појавите на интервју, веднаш добивате црвено знаме. Тоа значи, ситуацијата не е за занемарување. Признајте дека сте виновни за ситуацијата и покажаете дека жалите за тоа. Ако имате разумна причина за тоа кратко објаснете ја и извинете се, но внимавајте да не звучите како да барате изговори и оправдувања.
Не појавувајте се на интервју по секоја цена
Експертите велат, дури и да успеете да стигнете по одредено задоцнување, подобро презакажете го интервјуто, отколку да се појавите. Зошто? Во ваква ситуација, вие сте под стрес и тоа многу ќе се одрази на вашиот настап на интервјуто. Исто така, тимот кој ве очекува сигурно има своја дневна агенда и можно е да не се слободни расположени за разговор со вас откако ве чекале напразно и сте им го пореметиле распоредот.
Пратете e-mail со извинување
Ако работата за која сте аплицирале бара добар менаџмент со време, или закажување и присуство на состаноци, доцнењето на ова интервју може да биде прилично лошо. Но, многу HR менаџери велат дека она што ќе го направите откако веќе сте се ставиле во ваква непријатна ситуација може да открие многу за тоа како се снаоѓате во тешки ситуации. Според нив, ако некој кандидат навистина бил спречен да дојде на интервју и сака да добие втора шанса, ќе ја добие. Ако сте ги направиле претходните чекори, испратете им e-mail во кој ќе се извините и ќе им се заблагодарите на дадената шанса и одвоеното време.
Оваа грешка нека ви биде поука!
Секој може да има лош ден и секому може да му се случи. Но, без разлика кој и да бил исходот од ваквата ситуација, не дозволувајте да се повтори. Освен што ќе се подготвите за следното интервју, неколку дена порано отидете до компанијата за да бидете сигурни за локацијата и за тоа колку време ви е потребно за да стигнете до таму.