Познатото чоколадо „Toblerone“, познато по својот уникатен дизајн, повеќе не смее да го прикажува планинскиот ланец Матерхорн на својата амбалажа.
Љубителите на чоколадата ширум светот тешко можат да го замислат „Toblerone“ без Матерхорн. Одлуката е донесена – познатата планина мора да биде отстранета од амбалажата од едноставна причина.
Фамозното пакување на чоколадните триаголници мора да се промени бидејќи американскиот произведувач „Mondelez“ го сели поголемиот дел од производството од Швајцарија во Словачка.
Поради тоа, чоколадото го губи своето швајцарско потекло, а исто така и дозволата за прикажување на Матерхорн, националниот симбол на Конфедерацијата.
Чоколадите со новиот дизајн би требало да бидат достапни од ова лето, а Матерхорн ќе биде заменет со едноставен планински логотип.
„Редизајнот на пакувањето воведува модернизирано и поедноставно планинско лого, усогласено со геометриската и триаголна естетика“, велат од „Mondelez“.
Освен тоа, ознаката „Toblerone – of Switzerland“ која досега беше на пакувањата, ќе мора да биде заменета со „Established in Switzerland“.