Според огласниците за недвижен имот, стотици хотели, апартмани, вили во Црна Гора се продаваат.
Дан од Подгорица пишува дека овој податок треба да ги загрижи сите во државата, затоа што туризмот генерира приходи во буџетот и е една од најважните гранки. Цените на хотелите се од неколку стотини илјади евра до неколку милиони. Деканот на Факултетот за бизнис и туризам во Будва, Раде Ратковиќ вели дека од година во година е потешко во туризмот. Објаснува дека во Црна Гора има околу 500 претежно мали хотели. Големите хотели сочинуваат само 10 отсто. Додава дека другото се апартмани и станови, односно вели неквалитетното сместување го диктира квалитетот на туризмот. За споредба вели дека Грција има 80 отсто сместувачки капацитети кои отпаѓаат на хотели, Кипар 100 отсто. а Шпанија 68. Како друг проблем го наведува фактот дека имаат кратка туристичка сезона.
„Сега сме, кога е во прашање малопродажната трговија, меѓу најскапите во Европа, поскапи и од Германија и Швајцарија, што е резултат на доаѓањето на туристите во апартманите“, рече Ратковиќ.
Само во Херцег Нови се продаваат 45 хотели, во Котор 36, во Тиват 28, во Будва 51, а во Бар и Улцињ 105 објекти. Откако почна војната во Украина, цените на недвижниот имот скокнаа. Иако има голем број огласи, Ратковиќ не е оптимист дека некој ќе ги купи тие хотели.