Да се биде добар келнер, било во кафуле, ресторан или бар, не е воопшто лесна работа. Со својата спретност, брзина и љубов кон работата тие се главниот мотор кој ја овозможува циркулацијата во секој угостителски објект
На почетокот на кариерата никој не е совршен. Но, со текот на времето треба да почнат да се развиваат одредени вештини како: меморија, комуникативност и љубезност. Понекогаш знае да биде стресна меѓутоа оваа професија е многу интересна и динамична, и што е најважно, од неа може многу да се заработува. Само треба перфектно да се усоврши.
Сепак, како келнер не може да се снајде баш секој. Постојат неколку клучни квалитети кои треба да ги барате кај кандидатите кога сакате да вработите келнер:
1. Работно искуство
Потребно е многу време и труд за да се стане добар келнер. Кога станува збор за келнерската работа, работното искусто е најдобриот индикатор за вештините и знаењата на кандидатот.
2. Силни комуникациски вештини
Комуникацијата е една од најважните алатки кога станува збор за работа со луѓе. Поради ова, силните комуникациски вештини се императив за секој што сака да работи како професионален келнер.
3. Внимание кон детали
Професионалниот келнер треба да ги владее современите процедури за подготовка за послужување, најновите правила за послужување и другите поврзани вештини за кои е потребно големо внимание и посветеност кон деталите. Токму затоа, вашите идни вработени треба да го поседуваат овој атрибут.
4. Теоретско и практично знаење
Вистинскиот професионалец треба да располага со теоретско и практично знаење за историјата на виното, винската култура и начинот на послужување кои ќе му помогнат да ги усоврши и најситните детали и финеси за беспрекорна услуга.
Што ако кандидатот нема претходно работно искуство како келнер?
И покрај тоа што работното искуство се смета за голема предност, секој што има добри комуникациски вештини и внимание кон детали може да стане одличен келнер. На крајот, се се сведува на посветеноста и желбата за учење.