Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе летате со Wizz Air, доколку го слушнете името Филип Тодоровски кој ќе ви се претстави како вашиот капетан на летот, знајте дека е младиот битолчанец кој од мала возраст сонувал да стане пилот. И да, токму така, соништата се исполнуваат ако силно се посветиш на нив со јасна зацртана цел пред тебе. Точно како Филип.
Со неговата посветеност, големата поддршка од семејството, отстапките кои мораше да ги направи, го оствари неговиот сон и од јуни 2022 година тој станува капетан.
И како од некој романтичен филм, неговата сопруга е поранешна стјуардеса со која имаат близначки. А токму една од најинтересните случки која ни ја раскажа е поврзанa со неговото изненадување за неа на еден од летовите.
Со Филип поразговаравме за неговиот животен сон да стане пилот и како го оствари. Што е потребно да се стане пилот, низ каква обука се поминува… колку често се враќа во Битола и колку му недостига…Филип ни раскажа и за најубавите глетки одгоре и чувството кога на хоризонтот, при залезот сонцето си поигрува со боите…
Читај бе: Филип, најнапред кажи ни нешто за себе, кратка биографија…
Филип: Роден сум во Битола, основно образование завршив во ООУ ,, Коле Канински”, па потоа се запишав во средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов” , прва генерација на смерот „Машински Воздухопловен Техничар” , со желба откако ќе завршам да го продолжам моето образование за пилот.
Како и да е, во тој период пред сé поради недостиг на финансии не бев во можност да се запишам на обука за пилот, по што се одлучив да се запишам на правен факултет, мислејќи дека мојот сон да станам пилот завршува тука.
Во меѓувреме добив стипендија за додипломски студии на Правниот факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа во Скопје, па таму се стекнав со диплома „дипломиран правник” , по што се запишав на магистерски студии по право на интелектуална сопственост на Правниот факултет „Јустинијан Први” на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј” во Скопје.
По завршувањето на првата година од магистерските студии ми се отвори можност да работам во Доха, Катар како дел од кабинскиот персонал на „Qatar Airways” и тука повторно видов шанса за остварување на мојот сон. Таму работев 2 години при што успеав да заштедам дел од потребните финансии за да се запишам на обуката за пилот, па со дополнителна финансиска помош од моето семејство во 2014 успеав да запишам обука за пилот во Љубљана, Словенија, по што во рок од 20 месеци се здобив со лиценца за комерцијален пилот.
Во 2016 година почнав да летам во скопскиот аеро клуб за да соберам доволно летачки саати за да можам да аплицирам за работа во Wizz Air, а во меѓувреме ги завршив и магистерските студии при што станав магистер по право на интелектуална сопственост.
Во 2017 аплицирав во Wizz Air, тоа ми беше првото интервју за работа како пилот, по што бев примен на работното место пилот – Прв Офицер на Airbus A320/321.
После 4 години како Прв Офицер, лани во 2022 година, станав Капетан.
Читај бе: На колку години веќе беше сигурен дека сакаш да станеш пилот и од каде таа желба?
Филип: Би рекол од многу мали нозе, можеби од некои 12-13 години бев сигурен дека сакам да станам пилот. Како дете неколку години по ред одевме на одмор во Струга – Ливадиште, а од таму ги гледав полетувањета и слетувањата на Охридскиот аеродром и бев фасциниран од авионите и можноста да управувам со една таква моќна машина, да летам над облаците и кога долу на поголемиот дел од луѓето им е облачно, мене да ми биде горе сончево.
Би рекол дека пред сé сакав да станам пилот бидејќи ја гледав таа професија како една сериозна професија која ќе ми овозможи да го видам светот и да запознаам многу различни луѓе од различни краишта на светот. Професија која ќе ми овозможи еден живот – авантура.
Читај бе: Каде го стекна своето образование и обука за пилот? Колку време трае школувањето и низ какви сé обуки треба да се помине?
Филип: Со обука за пилот се стекнав во Словенија во училиштето за пилоти ,,Adria Flight Career Center” базирано на аеродромот во Брник – Љубљана во периодот од 2012 година до 2014.
Самата обука беше од модуларен тип и траеше околу 20 месеци.
Секогаш првиот чекор при одлука да се стане пилот треба да биде иницијалниот лекарски преглед за пилот – Класа 1. Потоа се почнува со обука за добивање на приватна лиценца за пилот на едно-моторен авион при што се полагаат испити од теорија и секако летачки испит, па потоа мора да се поминат обуките за ноќно летање, инструментално летање, летање со повеќе-моторен авион, за на крај после одреден број на летачки саати да се започне со обуката за комерцијален пилот и при тоа да се полагаат 14 доста обемни испити теорија и летачки испит Потоа се добива лиценца за комерцијален пилот со која што може да се аплицира за работа, нормално доколку ги исполнуваш и останатите критериуми потребни за работа во авиокомпанија.
Читај бе: Што е потребно за да се стане пилот и кои критериуми треба да се исполнат?
Филип: Како што веќе напоменав пред сé треба да се биде физички и психички здрав, некои отстапки се дозволени, на пример за оние луѓе кои се со послаб вид, доколку тоа се корегира со очила при што видот се исправува во сооднос од 20/20, во тој случај нема да има никаков проблем.
Останати основни критериуми кои би требало да се исполнат се основно познавање на математика и физика и секако добро познавање на англискиот јазик, понатаму се бараат и добри когнитивни и психомоторни способности, добра ориентација во простор, добра меморија и пред сé човечки особини кои дозволуваат тимска работа.
Исто така има и дополнителни обуки и кретериуми кои некои авио компании ги бараат од своите кандидати, во зависност од позицијата за која аплицираат.
Читај бе: Кој беше твојот прв лет? Какво беше чувството?
Филип: Доколку зборуваме за мојот прв соло лет како пилот, тоа беше во Словенија на мал едно-моторен авион, летајќи школски кругови. Секако присутни се чувството на возбуда, мала доза на трема и гордост дека сепак леташ сам. Сé на сé едно прекрасно чувство, кое не се опишува со зборови.
Читај бе: Од минатата година си и официјално капетан со што се исполни твојот сон. Колку напорно работеше за да стигнеш до четирите ленти на еполетата?
Филип: Па би рекол прилично напорно, прво додека да стигнам до лиценца за комерцијален пилот, морав многу да учам и да направам многу отстапки од мојот социјален живот, морав да бидам фокусиран на целта и да завршам сé на време за да можам да најдам работа. Потоа како Прв Офицер исто така мораш многу да учиш, посебно би го издвоил почетокот на кариерата, кога се оди на специјализација за одреден тип на џет авион, во мојот случај за ,,Airbus A320/А321”, во тој момент тоа навистина беше голем залак за мене бидејќи беше многу драстична промена од летањето на мали авиони, до летање на голем патнички џет авион. Тоа е многу интензивен курс кој трае отприлика 3-4 месеци каде што најпрво се учи сé во однос на системите на авионот, па се до начинот на летање и нормалните и абнормалните операции и процедури при што покрај теорија, се врши обука и на симулатор кој што е еднаква реплика на самиот авион. Потоа се учат компаниски операции и процедури и се започнува со летање и запознавање со секојдневните летачки операции.
После тоа со сите тие стекнати вештини и знаења, на секои 6 месеци се оди на дводневна проверка на симулатор па така дополнително се надоградуваш во текот на работата и после одреден број насобрани саати на летање и дополнителна проверка и обука на симулатор се станува Капетан.
Да кажам дека не е напорно, би излажал, но кога се сака, сé се може.
Читај бе: Која беше твојата прва дестинација како капетан?
Филип: Прва дестинација како капетан ми беше лет до Лондон – Лутон, што би рекле народски прво па машко.
Читај бе: Која е најубавата глетка која досега си ја видел одгоре?
Филип: Имало многу убави глетки, не знам дали би можел да издвојам само една. Секој ден е различен и секој лет е убав на свој начин. Глетките од пилотска кабина се нешто посебно и незаменливо и една од работите за која што секогаш сум среќен и благодарен што ја имам можноста да ги посведочам.
Посебно уживање ми е моментот кога излегуваме надвор од облаците, а при тоа и сонцето заоѓа под хоризонтот, па се мешаат разни бои на небото.
Навистина тешко е да се долови со зборови. Па ќе пробам да ви испратам некоја слика.
Читај бе: Има ли некоја интересна случка од некој лет која би сакал да ја споделиш, а ќе ја паметиш?
Филип: Имало многу интересни случки кои ќе ги паметам, но посебно би го издвоил летот од Лондон до Скопје, на кој што мојата сопруга баше патник.
Јас не требаше да го работам тој лет, но во договор со колегата којшто требаше да го работи летот и со дозвола на компанијата ги заменивме летовите, па после објавата која ја направив за патниците и во која се претставив и кажав дека јас сум пилот на тој лет, тоа беше едно убаво изненадување за неа и еден горд момент за мене.
Морам да признаам дека секогаш ми е убаво кога имам некој познаник, другар, пријател или роднина на некој од моите летови.
Исто така имало и други летови кои ќе ги паметам, најчесто поради операции, да кажеме во малку понеобични и комплексни временски услови, што е составен дел од нашата работа, но секогаш е убаво чувството кога еден лет безбедно ќе се заврши и патниците ќе стигнат на својата посакувана дестинација, бидејќи за мене како пилот, безбедноста на моите патници е секогаш од најголемо значење.
Читај бе: Колку е важен односот со копилотот и останатиот екипаж? Се дружите ли „надвор“ од авионот?
Филип: Јас би рекол дека односот со копилотот и останатиот кабински персонал е еден од најважните аспекти во однос на успешното извршување на еден лет и безбедноста на тој лет. Тимската работа и помагањето еден на друг е од најголемо значење во нашата професија. Всушност затоа и има двајца пилоти во авионот, за да се контролираат еден со друг и да си помагаат.
Читај бе: Која е најдалечната дестинација на која си летал?
Филип: Тоа би била најдалечната дестинација која ја имаме од Скопје, а тоа е Лондон – Лутон.
Читај бе: Опиши ни еден ден на пилот…
Филип: Па еден мој работен ден започнува така што со утринското кафе, прво го проверувам планот за летот за тој ден, при што го проверувам статусот на авионот, потоа ги проверувам очекуваните временски услови за дестинациите планирани за тој ден, па потоа се спремам и тргнувам на работа за да стигнам некои 15-тина минути порано од точно определеното време.
Кога ќе стигнам на аеродром, прво одам во канцеларија во која се пријавуваме дека сме дошле на работа, тука се запознаваме со колегата, доколку не се знаеме од претходно и разговараме за она што може да го очекуваме во текот на тој лет, ја подготвуваме документацијата за летот и исто така правиме еден брифинг со кабинскиот персонал во однос на она што нé очекува за тој летачки ден и како подобро да се подготвиме.
Потоа сите заедно одиме во авионот и почнуваме да го подготвуваме летот, при што наша задача е да се прегледа целиот авион како одвнатре, така и однадвор, да се испрограмира компјутерот на авионот и точно да се внесат сите потребни податоци, да се направат сите потребни проверки и анализи за безбедно извршување на летот.
Потоа во координација со контролата на летање го започнуваме нашиот лет, па кога ќе завршиме повторно дискутираме за сето она што се случило во текот на летот и на што би требало повеќе да внимаваме за нареден пат, па доколку има уште еден лет после нас на тој ист авион, му го предаваме авионот на следниот екипаж, при што му даваме некои информации во однос на статусот на авионот и временските услови кои може да ги очекуваат.
Читај бе: Колкава поддршка имаш од најблиското семејство?
Филип: Имам навистина голема поддршка од моето семејство, тие биле и сé уште се мојата најголема поддршка, сигурно без нив не би стигнал до она што сум денес. Колку што било потребно од моја страна да учам и да направам одредени отстапки и жртви во мојот живот за да станам пилот и од тоа да биде мојата професија, сигурно и од нивна страна било потребно да направат исто толку жртви и отстапки, ако не и повеќе, за да ми помогнат како финансиски така и психички, преку константно охрабрување и влевање доверба дека ќе можам да успеам.
Исто така голема поддршка добивам и од мојата сопруга која е поранешна стјуардеса, која од самиот почеток е покрај мене и секогаш била полна со разбирање и поддршка за она што сакав да го направам, а и сега целосно ја разбира мојата професија и начин на живот и лесно се прилагодува на тоа, што е големо олеснување за мене.
На целото мое семејство, бескрајно сум им благодарен.
Читај бе: Колку твојата работа ти дозволува да се вратиш во Битола, да се видиш со семејството, пријателите и да испиеш кафе на Широк Сокак?
Филип: Па можам да кажам дека прилично често се враќам, бидејќи навистина многу си ја сакам Битола и секоја прилика кога ќе сум во можност ја користам за да си дојдам и да си ги видам семејството и пријателите, да излезам да прошетам, да се напијам кафе, да се одморам и да си ги наполнам батериите.
Во Битола навистина најубаво се чувствувам и навистина ми е жал што Битола нема еден голем патнички аеродром, па да можам да работам од дома, бидејќи за мене Битола секогаш ќе биде дома.
Извор: citaj.be