Цените на мобилниот интернет меѓу Европската Унија и Западен Балкан ќе бидат пониски од 1 октомври годинава.
Претставниците на Европската комисија (ЕК), Регионалниот совет за соработка (RCC) и мобилните оператори од Европската унија и од Западен Балкан се согласија цените на тарифните додатоци и специјалните тарифни пакети меѓу ЕУ и Западен Балкан да бидат пониски од редовните тарифни пакети.
„Тоа значи дека граѓаните на Западен Балкан ќе можат да користат тарифни додатоци или специјални тарифни пакети преку кои мобилниот интернет во роаминг ќе стане попристапен, со цени што се значително пониски од цените во редовните тарифни пакети“, најави Јетел.
Намалувањето на цената ќе се воведува постепено, низ неколку фази, завршувајќи во 2028 година, со цел да се создадат уште поповолни тарифи, а најавеното намалување на цената во октомври е првата фаза.
Иницијативата на ЕК, RCC и мобилните оператори ќе овозможи, како што се наведува, специјалните тарифи за роаминг за мобилен интернет да станат пазарен стандард во Западен Балкан за време на престојот во ЕУ.
Мобилните оператори од регионот на Западен Балкан дадоа најзначаен придонес во создавањето на единствената економска зона на тој регион, со целосно укинување на таксите за роаминг за сите видови сообраќај во шесте економии на регионот од 1 јули 2021 година.
Извор: denar.mk