Македонците сè почесто се одлучуваат летниот одмор да го поминат на некоја подалечна дестинација. Освен во Египет и Тунис, кој последните години спаѓаат во редот на топ-дестинации за македонските туристи, од оваа лето, на оваа листа се приклучи и Кипар. Од туристичките агенции велат дека за овие дестинации има голем интерес, првите термини се веќе распродадени, а има многу резервации и за ран букинг.
Освен традиционалните дестинации Грција и Турција, од година во година Македонците сè повеќе патуваат за некоја поегзотична дестинација, без оглед на цената што треба да ја платат. Голем дел од Македонците штедат цела година за да имаат пари за одмор, но има и такви кои земаат кредити за „одмор од соништата“. Од туристичките агенции велат дека имаат различни понуди за сечиј џеб и оти речиси секој може да си дозволи седумдневен одмор на некоја од овие дестинации.
-Имаме голем избор на дестинации со чартер летови. Од оваа година во понудата е вклучен и Кипар, за кој има директен лет. Цените за наем на студио за 7 ноќи изнесуваат од 1.200 до 1.300 евра, односно од 600 до 700 евра по лице, во која е вклучен превоз и трансфер до местото на престој. Додека пак хотелите се нешто поскапи, бидејќи се на база на полупансион со појадок и вечера, а најевтино хотелско сместување само со појадок може да се најде од 700 до 800 евра по лице. Најбарана дестинација во Кипар е Ајанта, вели за весникот ВЕЧЕР, Марија Вељановска, од една туристичка агенција.
Освен за Кипар, голем интерес има и за Египет и Тунис, за каде што веќе има директни чартер летови и кои изминатите години беа омилени дестинации на многу Македонци со „подлабок“ џеб.
-Цените за Египет летово се движат од 400 евра па нагоре по лице „ол инклузив“, односно со вклучен авионски превоз, авионски такси, трансфер до хотел со полн пансион. Цените се различни во зависност од тоа во кој дел од сезоната летувате и во кој дел од Хургада – најмногу е баран Мемша, тоа е нов туристички дел со огромно шеталиште. Обично аранжманите се по седум ноќи, но има и по 10, 11 ноќи во висока сезона јули и август. Дополнителен трошок за Египет е визата од 25 долари, која се плаќа на аеродром. За Тунис цените за 7 ноќи се движат од 500 евра па нагоре за „ол инклузив“ аранжманите, додава Вељановска.
Од туристичките агенции велат дека најевтиниот аранжман за Кипар ова лето ќе чини околу 600 евра, а во понудите ќе бидат вклучени хотели од 2 до 5 ѕвездички.
-За првпат вклучивме седум ноќевања и осумдневен пакет летен одмор во висина од 588 евра по лице до Кипар со наша сопствена чартер програма. Чартер програмата вклучува лет, сместување и трансфер до местото на престојување. Изборот на хотели е голем, а има хотели од 2 до 5 ѕвезди кои работат ол инклузив, полупансион, како и други опции Уверени сме дека овој нов чартер лет на патниците ќе им понуди неверојатна можност да ја истражат убавината на Кипар, велат од туристичките агенции.
Интересот за ол инклузив аранжмани во последниве две-три години е голем, а причината зошто голем дел од македонските граѓани се одлучуваат за овој тип аранжмани е што не треба да се грижиш за ништо од пат па сè до сместување, храна, пијалаци… Најчесто македонските граѓани ги одбираат ол инклузив аранжманите за Анталија, Аланија, Сиде, Белек, Кемер – Турција, Хургада – Египет, Тунис…. Кога се во прашање овие аранжмани, платени се авионскиот билет, аеродромските такси, трансфери од аеродром до хотел и обратно, како и сместување со одбраниот тип на услуга.
Од агенциите појаснуваат дека ол инклузив аранжмани има речиси за секоја дестинација, Грција, Црна Гора, Албанија, Египет, Малдиви… Има клиенти кои овој тип на услуга го бараат и за Грција, а тоа го добиваат кога ќе резервираат хотелско сместување. Секој хотел нуди тип на услуга која си ја одбира клиентот, може да одбере само ноќевање со појадок и вечера, или пак со се вклучено ол инклузив.
Извор: vecer.press