Просечната годишна плата за полно работно време за вработените во ЕУ во 2021 година изнесувала 33.500 евра, објави Евростат.
Меѓу земјите-членки на ЕУ, највисока просечна годишна приспособена плата за полно работно време во 2021 година е забележана во Луксембург од 72.200 евра, по што следат Данска (63.300 евра) и Ирска (50.300 евра).
Најниски плати имаат Бугарија (10.300 евра), Унгарија (12.600 евра) и Романија (13.000 евра).
Оваа информација е задолжителна поради Директивата за сина карта, која ја пропишува употребата токму на овој индикатор за одредување на просечната бруто годишна плата за секоја земја-членка на ЕУ, а нејзината цел е да привлече висококвалификувани работници во ЕУ под пофлексибилни услови.
Сината карта е еден вид дозвола за престој и работа наменета за висококвалификувани граѓани кои не се членки на ЕУ кои сакаат да живеат и работат во ЕУ.
Според овие податоци, најголем дел од земјите се под просекот на ЕУ, меѓу земјите од регионот највисока просечна годишна плата има Словенија од 28.760 евра, додека во Хрватска таа е 16.170 евра.