Оние кои ги менуваат пасошите на пет години, значи до 27 години, имаат иста цена на услуги, додека за остатокот со 10 години важечки документ, цената е зголемена
Следната 2024 година е рокот во којшто треба да бидат заменети личните документи, бидејќи дадовме рок при примената на Уставот на Република Северна Македонија и Законот за јазиците, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– Во однос на цените, ние објаснивме дека за 90 проценти се зголемени цените на репроматеријалите и затоа направивме зголемување кое што не е големо, имајќи предвид дека утврдивме два вида на цени. Оние кои ги менуваат пасошите на пет години, значи до 27 години, имаат иста цена на услуги, додека за остатокот имајќи предвид дека е 10 години важечкиот документ, цената е зголемена незначително за да можеме практично да ги остваруваме тие функции, одговори министерот на новинарско прашање до кога треба да се сменат документите и зошто е поскапена услугата.
Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го промовираа е-државјанство.
До февруари 2024 година, граѓаните имаат законска обврска да ги сменат сите лични документи на кои наместо досегашното име Република Македонија, треба да стои новото име, кое произлегува од Преспанскиот договор со Грција, Република Северна Македонија. Тоа значи дека граѓаните, кои до сега тоа не го сториле, ќе мора да сменат лична карта, пасош, возачка дозвола, сообраќајна дозвола, но и регистарски таблички. Дополнително, ќе треба да сменат и активни договори со претпријатија за јавни паркиралишта, бидејќи старите повеќе нема да им важат.
Во февруари годинава „Нова Македонија“ направи пресметка колку грашаните треба да платат за промена на личните документи. Еве ја пресметката:
Колку чини замена на документите и табличките
Ова се сумите потребни за изработка или замена на личните документи, како и промена на регистарските таблици.
1. Замена на лична карта – 190 денари
2. Возачка дозвола во редовна постапка (280 денари за образецот, 110 денари административна такса) – вкупно 390 денари
2.1 Возачка дозвола во редовна постапка, кога дозволата не е важечка (280 денари за образецот, 170 денари административна такса) – вкупно 450 денари
2.2 Возачка дозвола во итна постапка (840 денари за образецот, 110 денари административна такса) – вкупно 950
3. Сообраќајна дозвола (200 денари за образецот, 110 денари административна такса) -вкупно 250 денари
4. Регистарски таблици за моторно возило (1.200 денари за образецот, 50 денари административна такса) -вкупно 1250 денари
5. Издавање на патна исправа
5.1 Пасош за деца до 4 години (1.500 денари за образецот, 100 денари административна такса) – вкупно 1.600 денари
5.1.1 по итна постапка (4.500 денари за образецот, 100 денари административна такса) – вкупно 4600 денари
5.2 Пасош за лица од 4 до 18 години (1.500 денари за образецот, 200 денари административна такса) – вкупно 1.700 денари
5.2.1 по итна постапка (4.500 денари за образецот, 200 денари административна такса) -вкупно 4700 денари
5.3 Пасош за лица од 18 до 27 години (1.500 денари за образецот, 200 денари административна такса) – вкупно 1700 денари
5.3.1 по итна постапка (4.500 денари за образецот, 200 денари административна такса) вкупно 4.700 денари
5.4 Пасош за лица над 27 години (1.500 денари за образецот, 300 денари административна такса) – вкупно 1.800 денари
5.4.1 По итна постапка (4.500 денари за образецот, 300 денари административна такса) – вкупно 4.800 денари
Инаку, обврската за промена на регистарските таблици на возилата со MK, произлегува од одредбите на Законот за возила. Со цел добивање на таблица со ознака NMK сопствениците на возилата треба да поднесат барање за промена на регистарски таблици. Сопствениците на возила што имаат таблички со ознаката МК мора да ги заменат со нови заклучно со 12 февруари 2024 година, а доколку возачите не го испочитуваат рокот и бидат фатени дека возат со незаменети таблички, им следува казна од 100 евра.
Промената на регистарските таблички на автомобилите со нова ознака НМК според пресметките на Радио Слободна Европа вкупно ќе ги чини граѓаните 11 милиони евра. МВР ги набавило табличките по 470 денари, а граѓаните ќе ги платат по 1.200 денари.