Според критериумите на Европската унија, сиромаштија или социјална исклученост некому му се заканува доколку исполнuva барем еден од трите услови.
Сиромаштијата, а со тоа и социјалната изолација, им се закануваше на една петтина од граѓаните на Германија минатата година. Станува збор за околу 17,3 милиони луѓе, или 20,9 отсто од населението, според податоците на Федералното биро за статистика. Слично беше и претходната година, кога тој удел беше точно 21 процент, пренесува dpa.
Статистичарите ги презентираа прелиминарните податоци од Европското истражување за приходите и условите за живеење (EU-SILC).
Според критериумите на Европската унија, сиромаштијата или социјалната исклученост некому му се заканува доколку исполни барем еден од трите услови.
Тоа се услови за заработка под прагот на сиромаштија, доколку домаќинството се соочува со тешка материјална или социјална депривација или ако многу малку членови на домаќинството се вработени.
Некои луѓе во Германија се погодени од еден од условите, на пример ниски плати, додека други страдаат од сиромаштија и изолација според сите три критериуми, пренесува магазинот Феникс.
Во однос на приходите, едно лице се смета за изложено на ризик од сиромаштија ако има помалку од 60 проценти од просечниот приход. Минатата година таа линија изнесуваше нето од 1.250 евра месечно за самци.
Имено, околу 12,2 милиони луѓе во Германија или 14,7 отсто живееле во сенка на сиромаштијата, а во 2021 година ги имало 16 отсто.
Минатата година, 5,1 милион луѓе, или 6,1 отсто, претрпеа тешка материјална или социјална депривација во Германија, што е повеќе од 4,3 отсто во 2021 година.
Што точно значи тој термин? Тоа значи дека животните избори се „прилично стеснети“ поради недостаток на пари, објаснуваат статистичарите.
На пример, тие не можат да ја платат киријата или хипотеката, да одат на одмор една недела, да го заменат дотраениот мебел или да одат во ресторан со семејството или пријателите еднаш месечно.
Што се однесува до третиот критериум, во Германија во 2022 година, околу 9,7 отсто од населението на возраст под 65 години, или 6,1 милиони луѓе, живееле во домаќинство со многу малку вработени. Една година претходно нивното учество во населението беше 9,5 отсто.
Сеопфатна споредба во рамките на Европската унија ќе биде можна кога сите земји-членки ќе ги достават своите податоци. Досега тоа го направиле само половина.
Според нецелосните податоци, најмалку луѓе кои живеат во сиромаштија или социјална изолација има во Финска, 16,3 отсто. На спротивната страна од скалата е Бугарија со 32,2 отсто.
Во 2021 година, со 21 отсто, Германија беше малку под тогашниот просек на ЕУ од 21,7 отсто.