Да се појавувате на работа и да работите осум часа не се доволни за унапредување. Тоа е минимумот што се бара од вас.
Она што е потребно за да се истакнете е да направите нешто поразлично, да давате придонес на начин што не се очекува, да работите за доброто на компанијата, не само за платата.
Експертот за менаџирање на човечки ресурси Јан Зигел, главен и извршен директор на ZipRecruiter, го објаснува процесот на „наградување“.
„Работете си ја работата најдобро што знаете и умеете и на секои, да речеме, три месеци, изненадете со нешто плус. Кога ќе ги надминете очекувањата за вас, тогаш може да се размислува за приликата да добиете поважна улога.“
Но, ако сметате дека го правите сево ова и пак не ја добивате „заслужената награда“, причините зошто не напредувате можеби се малку посуптилни.
Не сте побарале
Менаџерите, управителите, шефовите често се одговорни за повеќе луѓе. Можеби треба едноставно да се ставите „на радарот“ на вашиот шеф и најдиректно да си побарате унапредување. Потрудете се да го одберете вистинскиот момент и аргументирајте го вашето барање зошто сметате дека треба да добиете унапредување. Ако добиете негативен одговор, барем ќе знаете дека во блиска иднина ова ќе биде вашата позиција во компанијата, па можеби ќе се одлучите да побарате друга работа.
Не покажувате лидерски вештини
Тоа што напорно работите не значи и дека ќе бидете унапредени. Мора да покажете дека сте доволно добри и дека ќе бидете покорисни за компанијата ако сте на повисока функција. Треба да им покажете на вашите надредени дека ги имате потребните вештини и дека, наједноставно кажано, не ги користат доволно вашите капацитети. Покажете уникатен пристап во лидерството, не се обидувајте да ги копирате лидерските тактики на тие над вас. Компанијата веќе има такви луѓе.
Премногу сте скромни
Можеби вашиот шеф не добро запознаен со вашата работа и не знае кои се вашите придонеси во тимот бидејќи не се истакнувате. Скромноста е убава особина и никој не сака фалбаџија, но не е фалење ако навистина сте го направиле нештото. Не дозволувајте вашите успеси да паднат во сенка или некој друг да се кити со вашите заслуги. Немојте само да претпоставувате дека „вашето ќе си дојде“, особено во голема компанија каде вработените обично немаат многу прилика за „еден на еден“ комуникација со шефовите. Користете ги овие прилики и покажете ги своите вистински бои.
Немате добри односи со луѓето на работа
Многу е важно да оформите стабилни врски и односи со вашите колеги и претпоставени. Ако шефот не ве сака, нема да добиете унапредување, но ако не ве сакаат колегите, и да дојдете во потесен избор нема да стигнете до новата позиција. Многу е важно да бидете тимски играч. Колегите на работа се луѓето со кои поминувате голем дел од денот. Запознајте се со нив лично како индивидуи, но и како професионалци – откријте кои се нивните способности и вештини и како најдобро би ги искористиле ако еден ден им станете шеф.
Извор: kajgana.com