Луѓето кои се со прекумерна тежина, високи или ниски во Њујорк ќе бидат заштитени од дискриминација врз основа на тие карактеристики според законот потпишан од градоначалникот Ерик Адамс, мерка за која нејзините предлагачи се надеваат дека ќе биде спроведена и во други градови, пренесуваат американските медиуми.
Законот, воведен од градскиот советник Шон Абро, предвидува забрана на дискриминација врз основа на висина и тежина на работното место, како и во пристапот до јавно и приватно сместување.
„Не треба да е важно колку сте високи или тешки. Кога барате работа, се обидувате да најдете некаков вид на домување или изнајмувате стан, не треба да се однесуваат поинаку со вас“, рече Адамс, пренесува CBS News.
Законот стапува во сила за шест месеци и ги надополнува веќе постоечките мерки за заштита од дискриминација по основа на раса, вера, боја на кожа, национално потекло и пол.