Хрватска е доста атрактивна за младите лица од земјава, за сезонска работа. За претстојната сезона, голем број млади лица заминаа токму во оваа земја, за да заработат некој денар.
Фактор разговараше со триесет годишната Б.Б., која втор месец веќе е на работа во Хрватска, на островот Крк.
- Лично сум презадоволна од условите но и од односот на работодавците. Работам во пекара и ова е втора година како доаѓам да работам кај овие луѓе. Имаат фамилијарен бизнис, сите работат во пекарата и имаат неколку студија за изнајмување. Јас работам во пекарата како продавачка - вели таа.
На прашањето зошто се одлучила повторно да замине во Хрватска, вели дека зема 60.000 денари плата, има здравствено осигурување, пријавена сум, имам бесплатни три оброци и бесплатно сместување.
- Работам осум часа, потоа сум слободна да правам што сакам. Ако сум прва смена, по завршувањето на смената заминувам на плажа а потоа и на прошетка. Ако сум втора смена исто така шетам наутро, ја запознавам локалната историја и култура - раскажува Б.Б.
Вели дека многу од нејзините пријатели заминале на работа во Хрватска.
- Дојдоа и оние што се во брак, а кои немаат деца. Двајца ќе работат, ќе користат една соба, а на газдите не им е проблем храната, бидејќи се пекари и тоа го работат. Не им е никаков трошок да ни дадат три оброци. Моите пријатели за три месеци работа, ќе земат шест илјади евра. Ниту јас не се жалам, ќе земам три илјади евра, а може и повеќе, зависи како ќе се погоди времето - тврди девојката.
Огласот го нашла во група на Фејсбук. Уште лани им пишала на сопствениците на пекарата. Тие веднаш и одговориле и се договориле. По само три дена заминала таму.
Извор: faktor.mk