На нестабилното време како да му нема крај, а тоа, всушност, е „рај“ за комарците. Честите врнежи од дожд се главната причина за појавата на инвазија од комарци, особено оние „тигрестите“.
Комарците неконтролирано се размножуваат поради влажните временски услови, а очајните граѓани постојано купуваат секакви препарати за кои се надеваат дека ќе им помогнат да се спасат од убодите.
Надлежните служби велат дека прават сѐ за да се справат со наездата, но прашањето што сега се поставува е: дали тие навистина прават сѐ што е во нивна моќ?
На пример, епидемиологот д-р Драган Даниловски пред неколку дена на Фејсбук објави детална анализа за тигрестите комарци и напиша дека авионското прскање против комарци не е ефикасно, а дека бројот на комарци во земјава станува сѐ поголем и поголем.
Докторот вели дека за да се заштитат граѓаните од наездата од комарци, потребно е градските власти да се насочат кон прскање од земја, бидејќи, според него, авиодезинсекцијата ги убива само оние комарци кои во моментот се во лет, а не и тие коишто се на земја.
„Авиодезинсекцијата во населените места е сизисофска работа, затоа што, едноставно, не може да биде усоешна и треба да се укине. Зошто? Затоа што ги уништува само оние комарци кои во моментот летаат во воздухот. А што е со ларвите? Таа треба да се применува само во ненаселени подрачја или при елементарни непогоди. Во населените места е потребна дезинсекција со прскање од земја. Значи, треба да се смени стратегијата. Освен тоа, од суштествена важност е да се организира јавна едукативна кампања за граѓаните да внимаваат да немаат застојана вода во својата околина, особено оние што имаат дворови“, објаснува д-р Даниловски.
Лекарите велат дека каснувањата од комарец засега не претставува опасност по животот во Македонија, но сепак, особено претпазливи треба да бидат лицата со низок имунитет кои често се изложени на болести кои можат сериозно да ги загрозат нивните животи.
Во понеделникот започна втората фаза од земјена дезинсекција на подрачјето на Град Скопје против возрасни форми на комарци и се реализираше цела недела во период од 22 до 3 часот.
Не сме им сите еднакво вкусни на комарците?
Веројатно сте слушнале како некој се жали дека комарците повеќе сакаат него да го касаат отколку другите. Тие се шегуваат дека се магнет за комарци и дека никако не можат да се спасат од досадните убоди.
А науката вели дека постојат повеќе фактори што влијаат на тоа дали и кого ќе касаат комарците.
Една од причините е произведувањето на јаглерод диоксид кој вообичаено го испуштаме кога дишеме. Количеството се зголемува кога луѓето се физички активни, а зголеменото количество всушност им покажува на комарците дека во непосредна близина има човек.
Специфичните мириси на кожата и потта исто така можат да бидат причина поради која некои луѓе им се омилени на комарците.
Комарците ги привлекуваат одредени состојки што ги има на човечката кожа и во потта, а една од тие состојки е млечната киселина и амонијакот.
Бојата на облеката исто така влијае врз изборот на комарецот дали да ве касне или да ве помилува. Науката докажала дека црната боја и другите темни вои се најпривлечни за комарците.
Обожавателите на пиво исто така се почести жртви на комарци. Едно истражување за ефектите на алкохолот врз атрактивноста на луѓето за комарците покажало дека лицата што пијат пиво се поатрактивни за овие досадни инсекти.
Во истиот кош спаѓаат и бремените жени кои исто така се честа цел на комарците, а причина за тоа е зголемената телесна температура.