Иако плаќаме патарина и со тоа практично добиваме потврда за безбедноста на коловозот, сепак, неретко се случува да видиме или да чуеме како некој возач удрил во животно кое случајно му излетало на коловозот.
Најголем проблем на патиштата низ Македонија прават срните, елените зајаците, а секако, и мачките и кучињата-скитници, кои некако успеваат да се протнат низ заштитната мрежа и да истрчаат директно на автопат.
Па така, прашањето што сега се поставува е кој и колку ќе ви плати ако удрите животно на автопат, а притоа сте платиле патарина?
Од осигурителните компании велат дека процедурата е многу едноставна. Доколку на возач му се случи сообраќајна несреќа со животно на автопат каде што има заштитни огради, првенствено што треба да стори е да го пријави случајот во Министерството за внатрешни работи, па оттаму ќе му испратат полициска екипа која ќе направи записник.
Според нашите соговорници, одговорноста паѓа на правното лице под чија надлежност е патот каде што се случила несреќата, до каде што пристигнува побарување, откако проценителот ќе направи проценка на настанатата штета. Со фактурата за поправка на возилото потоа се доставува побарување до правното лице кое треба да ги исплати парите потрошени за поправка.
Ако несреќата се случила на друг пат којшто не е автопат, тогаш товарот паѓа на возачот, а може да добие и казна поради тоа што не бил внимателен. Секако дека ваквите несреќи не се реткост на македонските патишта, но така стојат работите – ни изјави вработен во позната осигурителна компанија.
Но, дали работите навистина функционираат онака како што предвидуваат законите?
Најдобар одговор на ова прашање ќе ни даде скопјанецот Горан Кузманоски од Прилеп, професионален возач, кој неодамна удрил куче на автопатот Скопје-Велес.
-Одеднаш ми истрча куче пред возилото и го удрив. Направив огромна штета на автомобилот, кој не беше во возна состојба и морав да повикам влечна служба. За кучето немам зборови, по неколку секунди се освести од шокот и со квичење си замина. Јас повикав полиција која направи увид и ми објасни каква е процедурата за исплата на штета. Но, иако направив сѐ што се бараше од мене, сепак не зедов ни денар затоа што не сум ја зачувал сметката од последната платена патарина пред да се случи несреќата. Замислете, ми рекоа дека сум немал доволно докази. Па зарем записникот од полицијата не е доволен доказ? Зарем штетата на возилото не е доволен доказ? Ама, не, доказ било само тоа бело ливче кое во целиот тој хаос сум го загубил – објаснува нашиот соговорник и апалира до сите возачи да бидат внимателни и да внимаваат на тој ситен детал со патарината.
Инаку, членот 129 од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата вели дека на автопат, експресен пат или на пат резервиран за моторни возила не смеат да се движат пешаци, велосипеди, мобилни машини, мотокултиватори, трактори, запрежни возила и добиток, ниту возила што според овој закон не се сметаат за моторни возила.
Членот 41-а од Законот за јавни патишта, пак, вели дека заради обезбедување посебен режим на сообраќај на автопат и на магистрален пат на кој е воведен систем на наплата на надоместок за употреба на патот, како и за да се спречи неконтролирано движење на луѓе и диви животни на коловозот, на надворешниот раб на патниот појас континуирано се поставува заштитна ограда.
Извор: denar.mk