Ако досега плаќавте одредена сума месечно за ѓубраџиите да ви го собираат ѓубрето еднаш во неделата, веќе од месецот јули правилата ќе се менуваат, секако, не во корист на граѓаните.
Имено, како што неофицијално дознаваме, промените ќе важат само за периферните делови на главниот град, односно онаму каде што општините задолжуваат приватни компании да го собираат сметот пред домовите и да го истураат во депонијата „Дрисла“, пренесуваат од порталот Денар.
Па така, жителите на скопските населби Волково, Ново Село, Даме Груев, Стопански Двор, Илинден, Петровец и т.н. ќе треба да одберат еден од двата услова: да плаќаат повисоки сметки за ѓубрарина и работите да се одвиваат како што се одиваа досега, или, пак, да бидат ограничени во количината на ѓубре коешто ќе го фрлаат во и до зелените канти за отпадоци.
Причина за ваквите измени, како што велат вработени во една приватна компанија за собирање, е поскапувањето на услугите во депонијата „Дрисла“.
-Замислете, депонијата „Дрисла“ ги зголеми цените на услугите за дури 25 проценти. Значи, ако еден камион полн со ѓубре досега чинеше одредена сума, сега таа сума е за 25 проценти повисока. Затоа бараме од општината да ни дозволи да ги зголемиме сметките за 25 проценти само за да се израмниме и да не работиме со загуба. Но, оттаму не ни дозволуваат такво нешто, оти, ако едно семејство сега плаќа 350 денари месечно за ѓубрарина, тогаш новата цена ќе изнесува околу 440 денари. А што да правиме ние кога „Дрисла“ ги зголемила цените? – велат вработени во компанијата во неформален разговор со Денар.
Оттаму потенцираат дека мора до крајот на месецов да изнајдат некакво решение прифатливо за сите.
-Ги чекаме советниците да се соберат на состанок и да разговараат на оваа тема. Но, еве, ги чекаме веќе неколку месеци и никако да се соберат. Најверојатно ќе биде прифатена втората варијанта, односно цената на услугата да остане непроменета, но да се промени количината на ѓубре што ќе го собираат нашите колеги од пред секое домаќинство. Досега беше дозволено да се наполни цела зелена канта со ѓубре и плус уште една вреќа од 60 литри. Но, сега најверојатно ќе биде укината вреќата и колегите ќе го собираат само ѓубрето од зелените канти. Не знам како ќе биде, ама нешто мора да се направи – вели нашиот соговорник.
Граѓаните, очекувано, не се задоволни од ваквите најави, па своето незадоволство бурно го искажуваат на социјалните мрежи.
„Ќе имало промени од месецот јули во поглед на ѓубрарината. Како што разбрав, ѓубрето ќе го собираат на рати, односно ако имате канта и плус уште една вреќа до кантата, таа вреќа нема да ја соберат ѓубраџиите. Знаете што ќе се случи? Ќе тонеме во ѓубре и на секој ќош ќе се фрлаат вреќи со отпадоци. Ќе се претвориме во една голема депонија. Проблемот ќе стане многу сериозен“, пишува извесен Спасе на Фејсбук групата „Мое Волково“.
Каква одлука ќе биде донесена до крајот на месецов и дали таа одлука ќе се рефлектира врз животната средина, останува да видиме.