Угостителските објекти на територијата на Гостивар летово имаат можност да работат подолго. Одлуката за продолжување на работното време за два часа плус, беше донесена на денешната седница на општинскиот Совет, на предлог на претседателот на Советот, Ваљбон Лимани.
„Ова го практикувавме и минатото лето, во месеците јули и август да се продолжи работното време на угостителските објекти, со што ќе им излеземе во пресрет на угостителите за кои летниот период е важен.“, рече Лимани напоменувајќи дека одлуката ќе важи од 10 до 31 јули и од 1 до 25 август, со исклучок на одредени датуми.
Кафулињата, баровите, рестораните, пицериите имаа продолжено работно време и околу новогодишните празници и во празничниот период во јануари.