Во Германија во последна фаза e донесувањето на новиот закон со кој на странците треба да им се олесни вработувањето во земјата. Причината е едноставна: Германија старее, а стотици илјади работни места зјаат празни.
Владата планира со новиот закон да регрутира квалификувани и обучени работници од странство. Законот треба да го олесни доаѓањето на странски работници во Германија. На Германија ѝ се потребни 440 илјади обучени работници секоја година за да ја пополни празнината која се создава поради нискиот наталитет во земјата, пишува DW.com.
Досега, вработувањето во Германија не беше проблем за државјаните на земјите-членки на ЕУ, но со проблеми се соочуваа сите останати странци, со делумен исклучок на оние од Западниот Балкан.
Од владата велат дека главен критериум за влез во германскиот пазар на трудот ќе бидат побарувачката и квалификациите. Рангирањето на кандидатите од земји надвор од ЕУ ќе се врши според следните фактори:
– образование
– возраст
– познавање на јазик
– понуди за работа и
– финансиска сигурност.
Домашните работници повеќе нема да имаат приоритет при вработувањето во германските компании. Досега важеше правилото дека при распишување на слободно работно место фирмите мораа да водат сметка најпрво за домашниот пазар на трудот, потоа да проверат дали некој жител на ЕУ ќе се пријави за тоа работно место, па дури на крајот, доколку нема никаков интерес во предвид доаѓаа и странски државјани од земји кои не се членки на ЕУ.