Повеќе од 800 образовни асистенти ќе бидат ангажирани во основните училишта во новата учебна година за да им помагаат на учениците со посебни образовни потреби полесно да ги совладуваат наставната материја и училишните обврски. Тоа значи дека поддршката кон овие ученици постојано расте. Образовната асистенција и натаму е обврска на државата, односно не е финансиски товар на семејствата на учениците.
Улогата на образовните асистенти се разликува од ученик до ученик и зависи од процената по МКФ (меѓународна класификација на функционирање), дадените препораки, индивидуалниот образовен план за работа со ученикот со посебни потреби, од паралелката и училиштето. Работните задачи на образовниот асистент се уредени со правилник за нормативот, описот на компетенциите и работните задачи на образовниот и личниот асистент, а обуките за нив ги организираат основните училишта со ресурсни центри, каде што воедно и тие се вработуваат.
Инаку, во основните општински училишта во земјата се вклучени речиси 2.000 ученици со посебни образовни потреби, а во средните се инклудирани 300 ученици.
Извор: kajgana.com