Двојно зголемен бројот на патници на граничниот премин „Богородица“. Дека плажите во Грција и ова лето се едни од најатрактивните за голем број туристи покажува и официјалната статистика на најголемиот граничен премин со јужниот сосед на кој од почетокот на сезоната која стартуваше на 1 јуни биле регистрирани близу 450.000 патници што е зголемување за 1,6 пати во однос на истиот период лани кога границата ја поминале 275.738 патници. Речиси половината од нив се македонски државјани.
Зголемената фреквенција го зголеми и времето на чекање за гранични проверки, но од регионалниот центар Југ уверуваат дека во функција се ставени сите расположливи материјално и технички ресурси и прават се туристите да се задржат колку што е можно пократко. Најмногу се чека за време на викендите кога и гужвите се значително поголеми во однос на работните денови.
На дневна основа најголема фреквенција имало минатиот викенд кога само на 16 јули биле остварени 33.722 преминувања. Минатата година најфреквентен ден бил 10 јули. Тогаш македонско - грчката граница ја поминале 24.010 патници или близу 10.000 помалку во однос на годинава.