„Нашата цел е Реплек да е најдобар, најквалитетен и најдобро место за работа“
Роден е во Скопје, како дете сонувал да стане архитект,за себе вели дека е бунтовник кој сака предизвици. За него лидерство е да си искрен, скромен и вистински да веруваш во тоа што го правиш. Преферира да делегира одлуки, но бара одговорност и остава простор за самоиницијатива кај врботените. Течно зборува седум јазици и има завршено два факултета. Школувањето во Франција и Австрија го научиле дека да заминеш во странство е само една можност за успех, но не и гаранција за успех.
Прочитајте го разговорот со Генералниот Директор на „Реплек“, Душан Пецовски во кој зборува за новиот концепт на Реплек - од пациенти на конзументи, за ребредирањето на компанијата, за потребата од транспарентност и искреност во бизнисот, за новите млади сили кои доаѓаат на пазарот на труд и за девизата Бројот на вработени не е толку важен колку што е важен квалитетот и нивните квалификации....
- Роден сум во Скопје Македонија, а израснав во Виена, Австрија. Високото образование го завршив во Гренобл, Франција. Како дете сонував да станам архитект, уживам да создавам убави, функционални и корисни проекти, ме фасцинира перфекцијата, логиката и естетиката, веројатно воден од фамилијарната традиција на мојот дедо – архитект и татко - инженер, моите животни идоли.. Инаку, јас течно зборувам седум јазици, имам завршено економски факултет, факултет за компјутерски науки и сум магистер по финансии и магистер по бизнис администрација.
Иако првенствено одењето на школување во странство е стекнување знаење во образовниот процес, која е онаа животна школа на која се учи студент во странство?
- Најнапред научив да ја ценам можноста што моите родители ми ја пружиле да се едуцирам во светските центри како Виена и Гренобл, привилегија што ретко кој ја има. Рано научив дека да заминеш во странство е само една можност за успех, но не и гаранција за успех. За да направиш успешна кариера треба голема жртва, многу труд и верба во себе. Таму не те познава никој и не познаваш никого, нова средина, нова култура, нов јазик, се зависи од тебе, па така и успехот кој што ќе го постигнеш. Исто така научив сам да водам домаќинство и покрај студирањето самостојно да се грижам за домот и за себе. Таму имав шанса да работам за успешна трговска компанија и за најуспешната австриска банка – Рајфајзен Банк. Огромно искуство кое од студент ме трансформираше во успешен деловен маж.
Бевте ли во дилема дали да останете во странство или да сe вратите во Земјава што беше пресудно за носење на одлука?
-Мојата професионална кариера во Австрија одеше постепено во нагорна линија, трасата беше предвидлива, а самиот систем ми даваше многу можности. Но, мојот карактер по природа е бунтовен и како човек го сакам предизвикот и постојано сум во потрага по нови достигнувања. Да бидеш успешен во организиран систем како Македонец во Австрија е голем успех, но да бидеш успешен и да создадеш систем со трајни вредности и светски стандарди во македонска компанија во нашата земја и истата да ја искачиш на светско ниво е веќе друго скалило – токму тоа ме предомисли кога пред 12 години ја добив понудата да се вработам во Реплек.
Да се застане на чело на компанија која има богата историја и бренд кој треба да исполни одредени очекувања и на пазарот и кај консументите, е еден огромен предизвик имавте ли дилеми околу стапувањето на функцијата и што беше она пресудно „ДА“?
- Челната позиција на оваа престижна компанија не ми беше понудена од никого, ниту ми падна од небо, едноставно таква можност не постоеше во тогашните околности. За истата се изборив макотрпно, долго и праведно, а секако имав огромна подршка од мнозинството акционери и вработени. Она што ме водеше по овој пат е вербата во себе, во Реплек и пред се во вработените. Јас го гледав она што други неможеа да го видат, а тоа е огромен неискористен потенцијал. Бев убеден и сеуште сум дека Реплек заслужува многу повеќе.
Важите за еден од најавтентичните претставници на новата бизнис генерација во земјава, кој е вашиот стил на раководење што ве издвојува од останатите и која е вашата цел – каде да стигне Реплек?
- Пред се ви благодарам за комплиментот и препознавањето на моите особини. Она што вие го нарекувате автентично за мене значи да не се плашам да го кажам своето мислење и да имам став зад кој цврсто стојам. За мене лидерство е да си искрен, скромен и вистински да веруваш во тоа што го правиш. Преферирам да делегирам одлуки, да барам одговорност и да оставам простор за самоиницијатива. Несум човек што единствено издава наредби и очекува тие да се извршат без поговор. Сакам да сум опкружен со паметни и оригинални луѓе кој не се плашат да го кажат своето мислење. Сакам да слушнам што имаат да кажат другите. Колку што сум скромен во сопствените барања и потреби, толку сум поамбициозен во очекувањата и барањата од и кон моите колеги. Секогаш го очекувам максимумот и сакам истиот да го извадам од луѓето, верувам во најдоброто од нив. Нашата цел не е Реплек да биде најголем, да има најмногу вработени или пак да има најголем профит. Нашата цел е Реплек да е најдобар, најквалитетен и најдобро место за работа. Повеќе сме фокусиран на суштината и содржината. Сакаме да оставиме траен белег и да создадеме додадена вредност за општеството и татковината.
Во вашите интервјуа еден збор преовладува кога зборувате за функционирање на Реплек - транспарентност – на што точно мислите и кои се придобивките од тоа?
- Одлично сте забележале. Транспарентност за нас значи да немаш што да криеш, да си искрен во своите намери и да не се срамиме од сработеното. Чесни сме и го сакаме општото добро, па затоа сакаме истото и да го споделиме со пошироката јавност, со сите стејкхолдери, со институциите, со медиумите, со соработниците, со вработените и со акционерите. Токму тоа е и суштината на корпоративното работење, довербата не се стекнува преку ноќ и без причина, истата треба да ја заработиме и оправдаме со тоа што ќе бидеме отворени, искрени и добронамерни.
Како ќе дефинирате типичен Македонски бизнисмен?
-Не верувам дека има еден тип на македонски бизнисмен, има секакви примери, и добри и лоши. Она што за мене е важно е од кој побуди и за кои цели го води бизнисот, кој се намерите и што е целта на неговото делување. Дали со работењето се прави некаква разлика и промена во средината во која што оперира. Каков пример е тој илитаа за вработените и соработниците. Каков белег ќе остави зад себе.
После вашето стапувањето на функција се случи и ребрендирање на Реплек, се промени и логото но и слоганот. Го направивте ова стихјно некако, без голема галама и без големи најави – зошто се одлучивте за ваков потег?
-Времињата постојано се менуваат, па така и трендовите и навиките. Новото лого, бренд и слоган на Реплек ги отсликуваат добрите промени, новата енергија и новиот дух на компанијата. Токму затоа се одлучивме и на таков чеков, визуелно да го демонстрираме тоа. Сепак, поважно е да се потенцира дека вие може да промените се - лого, бренд, слоган, но доколку не ја промените содржината и суштината на вашето работење, тогаш не сте направиле фактички ништо. Затоа се одлучивме за тивка и мирна трансформација - внатрешните и надворешните стејкохоледи да се навикнат на промената. Со постепеното подобрување на работењето, подобрување на перформансите и деловнирте резултати, како и работните услови покажавме и докажавме дека новата ера на Реплек е дојдена.
Дали менувањето од слоганот „Вашето здравје е наша обврска“ во „За мое добро“ значи дека Реплек во иднина ќе понуди и други производи кои нема да бидат само дел од фармацевтската индустрија?
- Ова ваше прашање навистина ме радува. Токму така. Реплек има нова стратегија и нов концепт, ние преминавме од лекување на превенција, и од пациент на конзумент. Целата наша визија е во фокус на добросостојбата на нашите потрошувачи и истите ги пратиме во текот на целото нивно секојдневие, дали во утринските навики, на работа, на спорт, или пак во слободното време, природа и патување. Нашата приказна вклучува здравје, убавина, долговечност, виталност, спокој, активност... Ги вклучува сите возрасни групи, од најмладите до највозрасните. Реплек е со тебе во текот на целиот ден.
Кој е производот кој ќе го форсирате во иднина или на која линија ќе и го дадете приматот за раст и развој?
- Како што напоменав во одговорт на предходното прашање, фокусирани сме нанеколку таргет групи, така што имаме и неколку сегменти на производи во линиите на лекови на рецепт, лекови без рецепт, додатоци на исхрана, козметика со канабис или пак масло од канабис. Секоја линија си има еден до два препознатливи брендови, а меѓу најпопуларнитесекако се бренодвите: Вентор, Неуро-Вит, Парафен, Адолор, Актифен, Оралсепт, Форвита, Канабо и Каноил.
Од нашата анализа на вашите огласи на сајтот vrabotuvanje.com - посетата апликациите, заинтересираноста, спаѓате во групата на посакувани работодавачи, што го прави Реплек атрактивен работодавач на пазарот на труд?
- Многу ни е драго што е така, многу нѐ радува овој тренд и препознатливоста на Реплек на пазарот на труд. Покрај тоа што го цениме искуството и зрелоста на нашите долгогодишни вработени, паралелно се ориентираме кон потребите на младите. Трендовите се менуваат, па така се менуваме и ние и ги следиме, односно се трудиме да ги предвидиме истите. Знаеме, почитуваме и се согласуваме дека младите кадри сакаат слобода, независност, можности, креатива, самоиницијатива, неформалност и уникатност, па се стремиме и сакаме да го овозможиме истото, со цел да го охрабриме најдоброто во нив.
Последната статистика вели дека имате околу 400 вработени, која е стратегијата за проширување на бројот на вработени, производствени погони, земјите во кои ќе извезувате сл.?
- Секако дека сме во постојан циклус на инвестиции, раст и проширување и постојано се отвораат нови работни места и се бараат кадри со добри перформанси, висока мотивација, голема амбиција и оригинален пристап. Но, сакам да потенцирам дека бројот на вработени не е толку важен колку што е важен квалитетот и нивните квалификации. Затоа исклучиво се стремиме кон квалитет, наместо кон квантитет.
Кога од сите страни се слуша „економска криза“, кај секој еден раководител се јавува потреба од реакција, планирање и стратегија. Штедење или инвестриње? Каква е стратегијата на Реплек ?
- Стратегијата на Реплек е да не чека кризи, па потоа да се менува. Ние постојано се преипитуваме, се проверуваме, предвидуваме и превенираме можни удари и поместувања во тековното работење. Кризи имало, има и секогаш ќе има, нашиот пристап е да ги предвидиме и да ги минимизираме или елиминираме штетите од истите. Не се „успиваме“ на постигнатите успеси.Компанијата ја водиме домаќински, со голема претпозливост, некомпромитирајки го развојот, инвестициите и растот. Амбициозни сме, но внимателни.
Накратко:
Ако компанијата Реплек треба да ја претставите во марка автомбил - која би била?
-Јагуар – елегантен и безвременски./ Модерен, но истовремено и класичен
Ако Реплек би бил некое животно кое би бил?
-Орангутан – најпаметното животно на светот
Ако Реплек е човек која возрасна доба би бил?
-Бунтовник
Ако треба да ја претставите Реплек во една боја која би била?
-Shade of cyan – нашата заштитна боја
Опишете го Реплек со еден збор.
-Zeitgeist – духот на времето