Од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, стигна убава вест: девојченцето Дуа, од Кичево, родено пред четири месеци, со само 520 грама родилна тежина, конечно си замина дома со родителите.
По 131 ден поминат на Одделението за интензивна нега и терапија (ОИНТ), на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, персоналот ја испрати малата Дуа дома, во Кичево, со солзи радосници.
На 12 март таа се роди во 24-та гестациска недела, со само 520 грама и по повеќе од 4 месеци престој на Одделението за интензивна нега и терапија, екстремното прематурче си замина како здраво бебе со тежина од 1890 грама.
Дуа како вистинска мала дама си замина во фустан од нашата клиника и си отиде со мама и тато во Кичево, кои се пресреќни што конечно нивното прво бебе ќе си го гушкаат во својот дом.
Малата Дуа, еден од нашите најголеми борци, овие 4 месеци и 11 дена секојдневно ја добиваше медицинската нега и безграничната љубов од педијатрите, медицинските сестри и од целиот персонал на ОИНТ, кои посветено се бореа заедно со неа.
ЈЗУ У ГАК ѝ посакува многу здравје и среќно и безгрижно детство, во надеж дека секогаш ќе ве радуваме со среќни приказни за нашите најмали новородени, велат од клиниката.