Во Агенцијата за вработување на крајот од минатата година останал вишок на пари од 22,3 милиони евра, односно 1.369.768.271 денари како неискористени, по наплатата на придонесите за вработување од страна на работодавачите, покажува објавениот извештај за 2022.
Околу 25 милиони евра биле потрошени за програмите како младински додаток, практиканство, самовработување, разни обуки, јавни работи, субвенционирање на плати, вработување на инвалиди, општо-корисна работа итн., иако планираниот буџет за тоа бил 32 милиони евра.
Вкупните приходи што биле собрани изнесувале 76 милиони евра и биле зголемени за 10,2 отсто за една година, односно за 7 милиони евра повеќе. Потрошени биле помалку од 55 милиони евра. За основното трошење - за надоместоци за лицата кои во меѓувреме останале без работа, како и за програмите за вработување, биле издвоени 48 милиони евра.
Биле остварени 11 милиони евра повеќе приходи од планираното, а потрошени 6,5 милиони евра помалку од она што било предвидено. Биле пренесени и вишок на лански средства од 14,3 милиони евра
Од друга страна, од придонесите за вработување од работодавачите и вработените поединци биле наплатени 36 милиони евра, речиси за 6 милиони повеќе во однос на една година претходно.
Инаку стапката на придонесот за вработување е 1,2 отсто од бруто платата на работникот. Овие придонеси влегуваат во буџетот на Агенцијата за вработување со 72,1 отсто.