Цените на моторните горива во регионот од неодамна почнаа повторно да се зголемуваат, но помеѓу сите земји од Западен Балкан, цените на бензинот и на дизелот сѐ уште се најниски во Македонија и во Босна и Херцеговина.
Според истражувањето што го направи Денар, гориво по највисоки цени се точи во Косово, каде што литар бензин чини 1,66 евра (102 денари), а литар нафта чини 1,65 евра (101 денари).
Во Словенија литар бензин чини 1,46 евра (89 денари), а литар нафта чини 1,50 евра (90 денари).
Во Хрватска цената на бензинот е иста како и во Словенија, а дизелот е поевтин за 14 центи и чини 1,36 евра (83 денари) за литар.
И двете горива се поевтини во Босна и Херцеговина, па цената на бензинот таму изнесува 1,31 евра (80 денари), а на дизелот 1,27 евра (78 денари) за литар.
Во Македонија, до вчера, литар бензин беше за 13 центи поевтин од Словенија и чини 1,33 евра (81 денари), додека литар дизел чинеше 1,18 евра (72 денари). Со новото поскапување, бензинот чини 85 денари, а дизелот 76 денари.
Горивата се поскапи и во Србија каде што бензинот и дизелот чинат 1,58 евра (97 денари) за литар, додека во Црна Гора литар бензин чини 1,55 евра (95 денари), а литар нафта чини 1,48 евра (91 денари).
Цените во Албанија се слични на цените во Словенија, па литар бензин кај нашиот западен сосед чини 1,47 евра (90 денари), а дизелот е поевтин за 5 центи и чини 1,45 евра (89 денари) за литар.
Поради тоа што цената на горивото е најниска во Македонија, многу туристи од Србија кои транзитираат низ земјава за да стигнат до посакуваната летна дестинација во Грција, точат гориво токму од нашите бензиски пумпи.
Тоа отворено го признаваат на Фејсбук групата „Грчка инфо“.
„Од Белград тргнуваме со гориво во резервоарот колку да стигнеме во Скопје, а таму полниме до врв, а дополнуваме пред граничниот премин со Грција, кај Гевгелија. Освен што е најевтино горивото, сфативме дека е и прилично квалитетно, па моторот на автомобилот поубаво работи. За назад, кога се враќаме од Грција, повторно го полниме резервоарот во Гевгелија, а дополнуваме во Скопје“, напиша еден Србин.