Збирот на вредноста на овие автомобили надминува 60 милиони евра, па јасно е дека станува збор за возила кои им се достапни само на одредени луѓе.
Парите не можат да купат среќа, но помага се да биде поподносливо. Посебно ако своето богатство го вложите во автомобили и суперавтомобили. Ако сте еден од оние кои не го знаат лимитот на својата сметка во банка, оваа листа ќе ве интересира, бидејќи секој вљубеник во добри автомобили не би се двоумел во својата колекција да додаде барем еден од петте најскапи автомобили на сите времиња.
Вкупната вредност на овие автомобили надминува 60 милиони евра, па јасно е дека станува збор за возила кои им се достапни само на одбрана група милијардери, пишува „Autoklub“.
5. Koenigsegg Trevita: Цена – 4,3 милиони евра
Со ограничено производство од само три примероци, „Koenigsegg CCXR Trevita“ е еден од најексклузивните автомобили кои ги создала шведската компанија. Има моќен 4,8-литарски V8 мотор со компресор кој развива 1018 коњски сили, а до стотка може да забрза за 2,8 секунди и да продолжи да забрзува до максимална брзина од 395 км/ч.
4. Pagani Huayra Imola: Цена – 4,9 милиони евра
„Pagani Huayra Imola“ е посебно издание од кое се произведени само пет примероци по лансирањето во 2019-та година. Има 6.0-литарски V12 битурбо мотор кој го развил „Mercedes-AMG“ од 838 коњски сили и 1100 Nm вртежен момент, и вкупна тежина од 1.246 килограми. Од нула до 100 км/ч забрзува за помалку од 3 секунди, а максималната брзина изнесува 330 км/ч.
3. Rolls-Royce Sweptail: Цена – 11.6 милиони евра
„Rolls-Royce Sweptail“ е уште еден пример до каде може да оди ексклузивноста на британската компанија. Претставено во 2017-та година, тоа е елегантно купе кое е направено по нарачка, а во понудата има само еден примерок. Не се истакнува по своите перформанси, благодарение на 6,75-литарскиот V12 мотор со околу 460 коњски сили, но се истакнува по ексклузивноста и вештините на изработка во неговиот дизајн.
2. Bugatti La Voiture Noire: Цена-17 милиони евра
Вториот најскап автомобил на сите времиња е „Bugatti La Voiture Noire“, модерна реинтерпретација на класичниот „Type 57 SC Atlantica“. Создаден за да ја прослави 110-годишната историја на „Bugatti“, овој единствен автомобил на светот е опремен со добро познатиот 8,0-литарски W16 мотор и четири турбини со 1500 коњски сили и 1600 Nm вртежен момент.
1. Rolls-Royce Boat Tail: Цена – 23 милиони евра
На крајот, оваа листа ја завршуваме со најскапиот автомобил на сите времиња, „Rolls-Royce Boat Tail“, луксузен уникатен кабриолет изработен по нарачка. За неговата изработка биле потребни четири години работа, а инспириран е од едрењето. Опремен е со V12 мотор од 6,75 литри со 600 коњски сили.