Професионално срочена кратка биографија дава слика за кандидатот кој аплицира за одредено работно место.
Во компаниите велат дека им стигнуваат секаков вид на кратки биографии. Ги прашавме граѓаните дали знаат како да подготват CV, при што одговорија дека генерално имаат претстава, а доколку за нешто не се сигурни, би побарале помош од некој поупатен.
„Не знам како се составува CV. Еднаш со помош од пријател подготвував CV. Тоа остава впечаток и треба да биде убаво напишано“, вели младата Моника Трајковска, граѓанка.
Граѓаните велат дека во кратката биографија кандидатот за работа треба да го наведе степенот на образование, работното искуство и вештините кои ги поседува.
„Не знам, никогаш не сум пишувала кратка биографија, затоа што веќе 40 години сум вработена и во мое време тоа не се бараше. Да сум во ситуација да ми треба CV, би барала некој што знае да ми го среди“, рече Танка Зафировска, граѓанка.
Сепак, граѓаните сметаат дека професионалното CV отвора врати за наоѓање на соодветна работа.
„Не сум пишувала, а не ни знам како се пишува. Ако имам потреба, ќе барам некој што знае да ми помогне. Треба да се напише работно искуство, завршено школо и многу е важно да биде читко и прегледно напишано“, објаснува Цвета Петревска, граѓанка.
Kaриерниот советник Изабела Христовска Шкоф вели дека има 10 чекори кои ќе ви помогнат да составите добро CV и да ја добиете работата што ја сакате.
„Детално разгледајте го огласот за работа. Пред да почнете со пополнување на вашата професионална кратка биографија важно е темелно да го разгледате огласот за работната позиција за која аплицирате и да го споредите со вештините кои ги поседувате. Доколку не исполнувате ниту еден од условите наведени во огласот, подобро е да ја насочите вашата енергија на аплицирање на посоодветна работна позиција и да не го трошите залудно вашето и времето на регрутерот кој ја чита вашата кратка биографија. Одберете содветен формат. Регрутерите се задржуваат помалку од 15 секунди на едно CV пред да одлучат дали да продолжат да го разгледуваат или да го стават во купчето на одбиени кандидати. Затоа е важно да одберете формат кој ќе ги содржи главните информации кои ќе ве истакнат како посакуван кандидат. Европас платформата ви нуди одлична можност да креирате CV и истата ви нуди корисни совети за тоа како да ги истакнете вашите вештини. Доколку аплицирате за позиција во креативна професија, добро би било да имате сопствен дизајн на професионалната биографија што ќе ја истакне вашата креативност“, вели таа.
Понатаму советува да се фокусирате на најважните елементи. Вели дека кога пишувате професионална биографија, она што е најважно е да се фокусирате на вашето досегашно релевантно работно искуство за позицијата за која аплицирате, образование, вештини кои сте ги стекнале, а би биле корисни на позицијата за која аплицирате, обуки и тренинзи кои сте ги посетувале поврзани со вашата работна позиција, јазиците кои ги познавате и колку добро ги познавате, дури и вашето хоби.
„Внимавајте на должината. Верувајте дека никој нема да ја прочита вашата кратка биографија која содржи 10 страни. Токму затоа треба да се стремите истата да биде кратка, односно за почетник истата не би требало да е подолга од две страни со користење на фонт со стандардна големина, додека пак за искусен кандидат тоа би биле околу три страни. Бидете јасни и прецизни. Користете пократки реченици и стремете се да ги прикажете главните информации поврзани со вашето работно искуство, обуки, тренинзи и слично. Корисно би било и да вклучите информации поврзани со резултатите кои сте ги постигнале на претходната работна позиција. На пример, доколку работите во продажба, наведете колку сте ја зголемиле продажбата на конкретниот производ или услуга од моментот кога сте почнале да работите на конкретната позиција“, објаснува кариерниот советник.
Вели дека треба да ги потенцирате вашите јаки страни. Како што наведува нашата соговорничка, работната позиција која ја посакувате доаѓа со одредени вештини кои треба да ги поседувате.
„Презентирајте ги истите на логичен и јасен начин и истакнете ги вашите јаки страни. На пример, доколку наведете дека имате силни презентациски вештини, наведете како сте ги стекнале истите. Можеби сте биле член на дебатен клуб или на претходната работна позиција сте имале прилика често да ги презентирате вашите согледувања, па тоа значително ги подобрило вашите презентациски вештини. Не вклучувајте работни искуства кои не се поврзани со позицијата за која аплицирате. Доколку аплицирате за работна позиција во продажба, вашите претходни искуства во продажба и оние каде сте ги развивале вашите преговарачки вештини се клучни, но можеби не е најдобра идеја да ја вклучите позицијата која нема никаква врска со продажба како на пример летна работа во сервисен центар. Испратете мотивационо писмо заедно со вашата кратка биографија. Со испраќање на мотивационото писмо можете да објасните зошто токму вие сте вистинскиот кандидат за таа работа, да истакнете како вашите јаки страни би помогнале во работата на компанијата во која би сакале да работите, но исто така и да објасните зошто сте одлучиле да аплицирате токму кај нив“, вели Христовска Шкоф.
Објаснува дека кратката биографија треба да ја прочитате пред да ја испратите, да нема правописни грешки, а доколку ви треба совет, можете да побарате помош од кариерен советник и да ве спреми за интервју. Вели дека чести грешки кои луѓето ги прават е тоа што наведуваат дека познаваат сродни јазици како српски, хрватски, босански, пишуваат дека добро го познаваат Microsoft Office пакетот, меѓутоа добро ги владеат само Word и Power Point. Вели дека грешат кога го пишуваат секое образование со кое се стекнале, а професионалната биографија треба да го прикаже највисокиот степен на образование и доволно е тој да се наведе. Иако е важно да го наведете вашето претходно работно искуство, не е потребно да ги наведете сите работни позиции од последните 20 години. Фокусирајте се на најзначајните работни искуства, а особено внимание обрнете на работите искуства кои го покажуваат вашето искуство и вештини за конктретната работна позиција. Доколку имате подолго работно искуство, задржете се на последните 10 до 15 години. Во кратката биографија е проблем ако нема податоци за контакт или пак ако не е наведено на која работна позиција колку долго сте работеле.