Граѓаните тешко ја преживуваат скапотијата, а огромни главоболки им предизвикуваат високите цени на овошјето и на зеленчукот на пазарите и во супермаркетите.
Тие се жалат дека актуелните цени се исти како оние во февруари кога робата се увезува, но за разлика од тогаш, посочуваат потрошувачите, сега има најголема понуда на домашен зеленчук и домашно овошје.
-Стана неиздржливо да се живее со една просечна пензија, бидејќи, ако ми верувате, не можам да си дозволам да си купам овошје и зеленчук барем еднаш во месецот. Сѐ е многу поскапено. Се срамам ова да го кажам, ама често ми се случува да купам овошје на парче, затоа што не можам да си дозволам да купам цел килограм. Или барам по тезгите каде има овошје и зеленчук со послаб квалитет и со пониска цена. Па ако сега е толку скапо, среде лето, кога имаме претек од домашни овошки и зеленчук, тогаш какви ќе бидат цените од септември кога луѓето ќе прават зимници? Слушнав дека ќе се соочиме со уште еден бран скапотија, а најавени се и цени со покачување на ДДВ-то, покачување на парното, на електричната енергија. Тешко на народот – искоментира Благица Серафимова, пензионерка од Скопје за порталот Денар.
Земјоделците, пак, се правдаат дека цените на производите се високи затоа што пролетните дождови го преполовиле плодот.
-Многу врнеше и не се роди доволно род како што очекувавме. Плус, моравме оваа година да намалиме со обработлива површина затоа што немаме доволно работници кои сакаат да работат на нивите. Затоа ги продаваме производите малку поскапо од ланската година, но за енормните цени на пазарите не сме ние виновни. Едноставно, пазарџиите доаѓаат кај нас и купуваат роба за одредена цена, а потоа таа роба ја изложуваат на тезгите и ја продаваат за 150 или за 200 пати поскапо. Никој не ги контролира и очигледно никој не им може ништо. Граѓаните мислат дека кај нас е вината и нас нѐ колнат поради поскапувањето, но добро е да знаат кој е тој што најмногу заработува – изјави Симеон, земјоделец од Струмичко.
Колку за илустрација, податоците на земјоделско-пазарниот систем на Министерството за земјоделство го говорат токму тоа за коешто се жалат земјоделците.
На пример, во јули годинава, еден килограм пиперки на кванташки пазар изнесувал 47 денари, а на пазарот во Струга истите тие пиперки се продавале за 110 денари.
Доматите во јули имале просечна набавна цена од 45 денари, а на пазарот во Крива Паланка се продавале за 80 денари.
Истото се случувало и со цените на овошјето. Дињата се продавала по набавна цена од 50 денари за килограм, а на пазарите килограмот изнесувал 100 денари.
Како и да е, есенва граѓаните ги очекува нов пораст на цените на прехранбените производи и на овошјето и на зеленчукот, бидеќи дел од производителите поради повисоки трошоци најавија повисоки цени, а земјоделските производи ќе имаат повисока цена и поради повисоката потрошувачка, а малото производство.
Анализите на експерти од повеќе земји велат дека цените на храната нема да паѓаат и во изминатиот период, а сето тоа ќе влијае и на инфлацијата која од почетокот на војната во Украина тешко се одржува на задоволително ниво.